4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПет милијарди евра заштедени во македонските банки

Пет милијарди евра заштедени во македонските банки

zasteda-banki33

Банките располагаат со речиси 5 милијарди евра депозити, од кои 69 отсто отпаѓаат на граѓанско штедење, беше речено во понеделник на одбележувањето на Светскиот ден на штедењето.

Претседателот на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, Коста Митровски рече дека стимулирањето на штедењето зазема централно место во деловната политика на банките и штедилници – членки на Здружението, бидејќи штедните влогови се најевтин капитал за поддршка на стопанскиот развој на нашата држава и сигурна основа за проширување на асортиманот на услугите на банките кон населението и другите комитенти.

Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија денес го одбележа Светскиот ден на штедењето, на свечената седница на која присуствуваа м-р Кирил Миноски, министер за финансии во Владата на Република Македонија, Милица Арнаудова Стојановска, генерален директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност во Народната банка на Република Македонија, г-дин Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија и г-дин Коста Митровски, претседател на Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија, како и претставници на повеќе институции со кои Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија има воспоставено одлична соработка.

Тој истакна дека со состојба на 30.9.2016 година, депозитниот потенцијал на банкарскиот систем изнесува 302.828.000 денари и порастот во однос на јануари 2016 година изнесува 1,01 отсто, од кои 175.220.000 денари се денарски депозити, а 127.608.000 денари се девизни депозити. При тоа, наведе дека вкупните депозити на домаќинствата на 30.9.2016 година изнесуваат  209.734.000 милиони денари, односно 69,2 отсто од вкупниот депозитен потенцијал отпаѓа на депозити на населението. Исто така, тој додаде дека податоците го потврдуваат фактот дека банкарскиот систем во Република Македонија ужива доверба која континуирано е на високо ниво, и дека има висока стабилност која беше потврдена со надминувањето на негативните трендови во вториот квартал од оваа година, кои беа изразени преку зголемената побарувачка на девизи и притисоците врз депозитната база на банките, коишто беа последица на влошените очекувања на економските субјекти предизвикани од фактори од неекономски карактер. При тоа, нагласи дека умереното зголемување на вкупната депозитна база на банките во третиот квартал претставува сигнал за натамошно видливо стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.

Традиционално, започнувајќи од 1999 година,  Здружението на банкарството при Стопанската комора на Македонија го одбележува Светскиот ден на штедењето.

Министерот за финансии Кирил Миноски истакна дека макроекономските услови за раст на економијата и подобрата доверба на граѓаните доведуваат до континуиран раст на штедењето, при што го нагласи растот од 2,1% на реална основа, растот на индустриското производство од 5,4%, растот на извозот за 6,1% во периодот јануари-август 2016 година, но и зголемувањето на бројот на вработени лица во Република Македонија за 3%, како значајни фактори кои влијаат на континуираниот раст на штедењето во Република Македонија, кој се очекува да продолжи и во иднина. Тој потенцираше дека усвоените измени на Законот за банките треба да обезбедат дополнително усогласување на банкарското работење со меѓународните стандарди, но и приспособување кон барањата кои ги диктира банкарскиот и финансискиот систем, а кои се од клучно значење во обезбедувањето услови за ефикасност и стабилност на финансискиот сектор во Република Македонија во периодот по влезот во ЕУ. На крајот, Миноски упати честитка до сите штедачи и до сите шалтерски работници од банките и штедилниците на кои им се додели плакета.

Арнаудова Стојановска од Народната банка на Република Македонија потенцираше дека штедењето е столб на сигурноста на банкарскиот сектор, кој е основата за повеќе од половина од активностите на банките, вклучувајќи го кредитирањето. Таа истакна дека состојбите во вториот квартал претставуваа тест за капацитетите на банките да се справат со финансиски кризи, и дека банките покажаа подготвеност да ја одржуваат ликвидноста на работењето на стабилно ниво. Истовремено, таа ја потенцираше важноста на потребата да се зацврстат етичките принципи во работењето на банките, што треба да придонесе за градење на висок степен на корпоративна култура во банкарскиот сектор. Воедно, таа ги повика банките да понудат поголема диверзификација на банкарските производи, и на тој начин да се придонесе за зголемен раст на штедењето, кој треба да го проследи растот на кредитните активности, кој изнесуваше 7% на крајот на септември 2016 година. На крајот, Арнаудова Стојановска упати честитка до сите штедачи и до сите шалтерски работници од банките и штедилниците на кои им се додели плакета.

Јелисавета Георгиева, извршен директор на Стопанската комора на Македонија и секретар на Здружението на банкарството, упати особена благодарност за воспоставената добра соработка со Министерството за финансии и со Народната банка на Република Македонија, но и со останатите институции од финансискиот сектор.

На крајот на свечената седница, беа доделени признанија на 42 најдобри шалтерски работници од банките и штедилниците за постигнати особени резултати во вршењето на работните задачи во доменот на работењето со населението за 2015 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП