18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПотопло време, помали сметки - колку ќе заштедиме поради „меката“ есен?

Потопло време, помали сметки – колку ќе заштедиме поради „меката“ есен?

SAVE on digital room thermostat wearing woolly hat

Температурите во октомври се повисоки од просекот за овој период од годината, а метеоролозите најавуваат дека „мекото“ време ќе продолжи. Ова дефинитивно ќе се одрази и на сметките – стартот на грејната сезона е одложен; радијаторите се топли само рано наутро и доцна навечер, а некои денови и воопшто не греат. Сите треба да заштедат, но најмногу оние кои користат клима уреди со инвертер.

Најголема заштеда со клима уред

Најголеми заштеди имаат оние кои се греат на струја или 370.000 домаќинства, но крајниот позитивен биланс зависи пред се од системот за греење.

„Наједноставно е инсталирањето на клима уреди со инвертори, во зима работат како топлотна пумпа, технологијата е толку унапредена што има фактор на трансформација од 4 или 5. Тоа значи дека за 1 kWh електрична енергија се добиваат 4 или 5 kWh топлинска енергија. Кај греалките за 1 kWh електрична енергија се добива 1 kWh топлинска енергија“, објаснува професорот Ристо Цицонков.

Ефикасните клима уреди при повисоки температури работат со минимален капацитет, па со тоа и потрошувачката на струја е минимална.

„Оние што имаат клима уреди со инвертор, стручно наречени топлотни пумпи воздух – воздух, штедат најмногу. Системот работи автоматски, се одредува температурата на 20 или 21 степен и се вклучува само по потреба или пак работи само со мал дел од капацитетот, во вакви временски услови со 10 или 20 проценти. Тука е максимална заштедата“, вели Цицонков.

Професорот кој има објавено над 150 научни трудови од областа на ладилната техника, климатизацијата и топлинските пумпи и чиј главен научен фокус се токму ваквите системи вели дека тој лично користи централен клима уред и дека тоа е најдоброто и најефикасното решение. Првичната инвестиција брзо се враќала.

„Јас лично користам топлотна пумпа воздух – воздух со инвертор, но и со централен систем. Во овој период системот кој е автоматски ми се вклучува само еднаш до два пати на ден, рано наутро и доцна навечер и тоа само со капацитет од 10 до 20 проценти, можам да кажам дека навистина штедам многу“, објаснува професорот Цицонков.

На први јули струјата поевтини за минимални 0.25%. Ако ова се преслика на една просечна сметка од 2.000 денари се доаѓа до заштеда од 5 денари.

Крајната цена изнесува 4,97 денари за kW/h.

Грубата математика покажува дека загревањето просечен дом на струја за една сезона би чинело најмалку 25.000 денари.

Сепак, пресметките за домаќинствата што го користат овој енергенс се различни – во зависност од грејните тела.

Со дрвата може да се згреши „математиката“

Потоплото време значи и помала потреба за ложење на каминот и ќумбето, но овде може да се згреши во процената, велат експертите. Во Македонија околу 150.000 домаќинства го користат дрвото како основен енергенс.

„Таму нема автоматика, самите треба да одредите колку дрва ќе наложите, па може да се направи погрешна проценка – наутро да се стават многу дрва а потоа денот да биде топол, па температурата во собата да биде и превисока. Тука се груби пресметките, па не се штеди толку“, објаснува професорот Цицонков.

Во ЈП „Македонски шуми“ цените на огревното дрво се исти како лани – 2.370 денари за кубик бука и 2.450 за кубик даб.

Годинава јавното претпријатие не пушти во слободна продажба огревно дрво – тоа значи дека граѓаните кои не склучиле договор со нив до крајот на април нема да можат воопшто да набават огрев оттаму.

Од друга страна во приватните складишта е значително поскапо – од 3.000 до 3.600 денари во зависност од типот на дрвото; но во оваа сума влегува и транспорт, а најчесто и цепење.

За една сезона просечно домаќинство троши од 5 до 8 кубици дрва во зависност од временските услови. Оттука вкупниот трошок би бил од 13.000 до 18.000 денари. Од 850.000 до 900.000 граѓани во зимскиот период се греат со дрвa. Дури 80 % од овој енергенс се користи во помалите места низ државава.

Помали сметки за парно? Останува да се види!

Граѓаните кои се приклучени на централно греење, околу 50.000 домаќинства, засега не можат да ги уживаат бенефитите од потоплото време. Сепак, се очекуваат порамнувачки односно сметки со понизок во следниот период.

„Оние кои се приклучени на топлификација секако трошат помалку енергија. Но, овде крајните сметки зависат од повеќе фактори. Системот е гломазен, се вклучува уште рано наутро за топлината да биде дистрибуирана до домовите. Самите корисници не секогаш имаат термостати и регулаторни вентили. Сепак, во крајна линија се зависи од регулаторот и од снабдувачот“, објаснува Цицонков.

Парното греење од први август е поевтино. Најголемиот снабдувач, „Балкан енерџи груп (БЕГ)“ има пониски цени за 10.93%, „ЕЛЕМ енергетика“ за 11.59%, а „Скопје Север“ за 4%.

На годишно ниво цената се намалува за околу 2.800 денари за домаќинствата кои живеат во стан од 50 метри квадратни.

Сепак, и покрај поевтинувањето парното се уште е меѓу поскапите варијанти за греење.

Просечната месечна сметка за стан од 60 квадрати сега е 1.800 денари или 21.600 денари годишно.

ДЗС: Македонците греат само 45% од домот

Најлесен начин за штедење – загревајте само една соба. Ова, за жал го практикуваат најголем дел од Македонците. Во просек се топли само 45% од површината на домот, а останатите 55% остануваат студени, покажуваат анализите на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според овие податоци 61.59% од домаќинствата користат огревно дрво, 28.60% електрична енергија, 8.33% се приклучени на централно парно, а останатите 1.48% употребуваат нафта, јаглен или гас.

Оние кои користат струја, најчесто имаат енергетски неефикасни грејни тела – една третина обични греалки, една третина термо печки, 15% панелки и 15% клима уреди. Само еден од пет климатизери е со инвертор.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП