23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилна индустрија: ниска продуктивност и нелојална конкуренција

Текстилна индустрија: ниска продуктивност и нелојална конкуренција

tekstil

Многу текстилни фабрики, а малку сопствени брендови. Македонија никако не успева да создаде свои препознатливи марки, производството се сведува на шиење на колекциите на странските партнери. Единствената предност што се нуди е ниската цена на работната сила, а почнуваме да заостануваме и по продуктивноста и по квалитетот.

Најголем проблем – недостатокот на квалификувана работна сила

При стапка на невработеност од 24% текстилните фабрики не можат да најдат квалификуван кадар, а го губат и оној што веќе го оформиле. Речиси никој не сака да седне зад машините за шиење за платите што се нудат иако тие бележат зголемвуање.

„Имаме голема флуктуација на платите. Ако ги видиме статистичките податоци веќе текстилот не е онаа гранка која имаше 8.000, 9.000 денари плата. Просечната нето плата за јули 2016-та во гранката текстилна индустрија е 15.320 денари“ вели Ангел Димитров, претседател на Здружение за текстилна индустрија.

Најголем проблем за домашните компании е конкуренцијата од странските инвеститори. Бизнисмените велат дека во слободните зони има многу поволности и олеснување, па таму се нудат и малку повисоки плати – работниците им бегале за разлика од 1.000 до 2.000 денари.

Во домашните текстилни компании велат дека субвенциите што постојат за нив се помали, а критериумите што треба да се исполнат построги.

„Значи, ако една македонска компанија сака да вработи младо лице до 35 години и да користи 3 години без да плаќа придонеси, што го овозможува овој проект, тој треба да биде најмалку 3 месеци невработен, а компанијата не смее да има намалување на бројот на работниците. Ако сака да вработи лице од 35 до 50 години, тогаш условот е тоа лице во последните 15 години да работело најмногу 5 години, односно минимум 10 години да било невработено. Зошто овие услови важат за нашите компании, а не важат за странските компании во ТИРЗ-овите?“ објаснува Димитров.

Освен губењето на обучените работници дополнителен предизвик е и ангажирање нови, млади кадри. Речиси сите бегаат од машините за шиење.

„Не може факултетите да бидат сами за себе. Ако таа врска со стопанството не функционира тогаш од една страна ќе имаме огромен број невработени кои ќе чекаат работа со својата диплома и огромен број на потребен кадар на стопанството кој ќе го нема“ смета Димитров.

Освен проблемот со наоѓањето квалификуван кадар текстилците мака мачат и со осовременување на производствените капацитети. Бараат државата да ги помогне при набавката на нова автоматизирана опрема, но и ослободување од ДДВ за трговските фирми кои извезуваат текстил и облека.

Како да се создаде сопствен бренд?

Како да се создаде сопствен бренд? Македонските текстилци се уште не можат да дадат одговор на ова прашање. Велат дека за да имаме успешна марка треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија. Домашните компании се мали и разединети и немаат капацитет за сево ова, барем засега. Сепак, менаџерите се оптимисти.

„Во иднина секторот дополнително ќе се развива, мора да се работи на зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови за што е потребна и поддршка, не само финансиска. Сето тоа во моментов е во зачеток, но јас верувам во иднината на оваа гранка“, вели сопственик на конфекција од Штип.

Во Македонија сепак има текстилни односно модни брендови, но тоа се сведува на креациите на дизајнерите кои стануваат се попопуларни и побарани, но се уште нема продажба на цели модни линии.

Текстилната индустрија ангажира 46.000 луѓе

И покрај сите предизвици текстилната индустрија во Македонија игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

„Кај производството на текстилни ткаенини имаме зголемување за 14.8%, додека кај производството на облека имаме мало намалување од околу 5%. Извозот на оваа стопанска дејност се зголемува од година в година и за 7 месеци од 2016-та изнесува 359 милиони долари“, вели Сашо Деспотоски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали. Лани на странските пазари биле пласирани текстилни производи вредни 596 милиони долари од нив речиси 95% како лон производство.

Текстилната индустрија ангажира околу 38.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП