Две украдени слики од славниот холандски уметник Винсент Ван Гог (18523- 1890) се пронајдени од страна на италијанската полиција во Неапол, пренесе холандскиот јавен сервис.
Станува збор за делата „Поглед на морето кај Шевенинген“, настанато во 1882 година и „Паствата излегува од реформаторската црква во Нион“, слика настаната во 1884/1885 година, Сликите беа украдени во 2002 година од музејот на Ван Гог во Амстердам.
„Наоѓањето на овие слики навистина е голем чекор. Овој момент го чекавме четиринаесет години“, изјави Аксел Ругер, директор на Музејот Ван Гог.
Според телевизијата, платната биле откриени во текот на полициска истрага за организираниот криминал и се во добра состојба. Засега не е познато кога ќе бидат вратени во нивниот матичен музеј.
„Сосема природно е да сакате веднаш да ги донесете дома. Но ќе треба да покажеме малку повеќе трпение, но убеден сум дека можеме да сметаме на поддршката од италијанските власти“, додаде Ругер.