18 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПретставата „Љубовни пози на историјата“ во театарот во Прилеп

Претставата „Љубовни пози на историјата“ во театарот во Прилеп

лјубовни-пози

Во понеделник, во 20 часот во театарот „Војдан Чернодрински“, премиерно ќе ја прикаже претставата „Figurae veneris historiae“. Ова е трета премиера на прилепскиот театар поддржана од Министерството за култура.

Во режија на Наташа Поплавска и во изведба на НТ „Војдан Чернодрински – Прилеп“, во понделеник претставата „Figurae Veneris Historiae“ (Љубовни пози на историјатa) ќе ја доживее својата македонска праизведба. Автор на текстот е Горан Стефановски, кому како инспирација му послужила книгата “Sittengeschichte des Weltkrieges” – „Неморалната историја на Првата светска војна“ од Магнус Хиршфелд.

Се работи за претстава која отвора бројни прашања во однос на војната, љубовта, интимата, политиката и моралноста. Како што и самиот Стефановски би рекол, војната е организирано насилство, круна на политичката патологија, перверзија на историјата. Но освен големата, позната слика за војната, оваа претстава го прикажува и она што се случува од другата страна на девнополитичките вести, статистиката и пропагандата, а тоа е љубoвта за време на војна, страстите, нагонот, човековите потреби и еротски фантазии. Од друга страна пак, претставата ни покажува и какви последици остава војната врз човечкиот род. Преку личните приказни на колоритните ликови кои доаѓаат од различни слоеви на општеството и ситуациите низ кои поминуваат, публиката ќе може да се препознае себеси.

Претставата „Figurae Veneris Historiae“ јасно покажува дека војната менува сѐ, тргнува во неочекувани правци, ги трансформира луѓето, ги прави ѕверови, непрепознатливи, различни од порано. Но колку и да изгледа парадоксално, вистинската сила која го придвижува дејството во оваа претстава не произлегува од суровоста и страдањето, туку од љубовта и силните емоции. Наспроти целиот ужас и апсурд на војната, фарсичната драмска структура која ја поставува Стефановски наоѓа начин да нѐ насмее среде хаосот, свирепоста и бескрупулозноста. И овој пат претставата нѐ потсетува дека наспроти војната – лежи љубовта; единствено љубовта успева да опстои и повторно да изникне од под урнатините на војната.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП