22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: странски инвестиции vs домашни компании – кој добива а кој губи?

Анализа: странски инвестиции vs домашни компании – кој добива а кој губи?

stranski-investicii

Странските инвеститори како конкуренција или како стимулација за домашните компании. Надлежните и дел од бизнисмените сметаат дека политиките за поддршка даваат повеќекратни позитивни ефекти, но дел од експертите оценуваат дека се антипазарни и дискриминирачки – за едните огромни субвенции, за другите речиси ништо.

Како странските инвеститори влијаат на домашните компании?

И домашните компании имаат корист од странските инвеститори. Овој став го делат надлежните, но и дел од бизнисмените. Вкупната вредност на стоки и услуги кои се испорачуваат во слободните зони надминува 50 милиони евра годишно, покажуваат процените на институциите, договори имаат склучено околу 500 мали и средни претпријатија.

Сепак, потребно е да се направи уште многу бидејќи е искористен мал дел од потенцијалот, сметаат стопанствениците обединети во двете најголеми стопански комори СКМ и ССК.

„Најактуелно е да ги вмрежиме со македонските компании, бидејќи во тој синџир на добавувачи меѓу домашни и странски компании навистина има големи бенефити“ – вели извршната директорка на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Јелисавета Георгиева.

„Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава“– смета извршниот директор на Сојузот на стопански комори (ССК), Митко Алексов.

Претставниците на странскиот капитал, пак, велат дека мора се зголеми квалитетот на услугите и на производите кои што домашните компании ги пласираат за потребите на странските компании.

„На тој начин индиректно ќе влијаеме за зголемување на бројот на вработени, на зголемувањето на извозот на репроматеријали и услуги кон Европа и на зголемување на додадената вредност“, објаснува потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.

Надлежните тврдат дека токму тоа им преставува приоритет – паралелно со привлекувањето странски инвеститори се работело и на зголемувањето на соработката со домашните компании.

Кога една домашна фирма ќе влезе во системот за набавка на големите меѓународни компании потоа многу полесно ќе извезува и на глобалните пазари, вели министерот за финансии. Според Кирил Миновски Владата ќе продолжи да работи на поддршката на стопанствениците токму во оваа насока.

„Македонските компании мора да се прилагодат на стандардите кои што ги поставуваат странските инвеститори, да го прилагодат производството и процесите за да ги исполнат нивните барања и да станат дел од синџирот на добавувачи“ вели Миновски.

Сепак, со ова не се согласуваат дел од аналитичарите. Според поранешниот гувернер на НБРМ Петар Гошев странските инвеститори се директна конкуренција за домашните компании, но додека првите добивале огромни субвенции другите не добивале речиси ништо. Ваквиот концепт бил дискриминирачки и антипазарен.

„Странска инвестиција во текстилната индустрија која во Штип отвори фабрика со 5.000 вработени не била конкуренција за домашните компаниите. Имаме такви изјави од државни функционери. Прашањето е – каде ќе продава таа странска инвестиција, на светскиот пазар; каде продаваат нашите текстилни индустрии, на истиот светски пазар“ објаснува поранешниот гувернер Петар Гошев.

Првиот човек на Дирекцијата за слободни зони (ДТРИЗ), пак, смета дека користа за целокупната економија е повеќекратна – намалување на невработеноста, поттикнување на малите и средните компании преку зголемената соработка, но и директниот трансфер на знаења и вештини кои странците го носат во Македонија.

„Покрај креирањето директни работни места, се креираат и индиректни работни места преку зголемување на соработката со домашните компании, се зголемува извозот од земјава, а бенефит се и новите практики што се воведуваат во Македонија, односно трансферот на знаења и вештини“ вели директорот на ДТРИЗ, Виктор Мизо.

Кои поволности ги добиваат странските инвеститори?

Поволностите за странските инвеститори кои ќе решат да вложат во Слободните економски зони се групираат во четири групи: даночни ослободувања, царински ослободувања,  инфраструктурна логистика и субвенции.

Парцелата се дава под концесија до 99 години. Инвеститорите се ослободени од плаќање за уредување на градежното земјиште кон општините, како и од надоместоци за добивање на градежни дозволи. Во исто време тие не плаќаат приклучок за гасовод, водоводна и канализациона мрежа. Во зависност од бројот на вработени и вредноста на инвестицијата, Владата  учествува и во трошоците за градба на корисниците во ТИРЗ  во висина до 500 000 евра.

Инвеститорите што ќе отворат фабрика во некоја од Технолошко-индустриските развојни зони целосно се ослободени од Данокот на додадена вредност, односно стапката изнесува 0%. Во период од 10 години тие се ослободени и од данок на добивка и персоналец.

Сите инвеститори во слободните зони се дел од Царинскиот зелен канал – не плаќаат царини за увоз на суровини и за опрема.

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кој направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ објасни Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи при презентацијата на истражувањето.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

Странските инвеститори даваат помали плати од домашните компании

Платата во слободните зони во просек е помала за речиси 100 евра во однос на примањата надвор од нив. Ова може да се заклучи од споредбената анализа на податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС) и на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Според ДЗС просечната плата во Македонија во април 2016-та била 22.356 денари, а во преработувачката индустрија која преовладува во зоните била 16.604 денари. Од друга страна според СКМ просечниот месечен личен доход кај странските инвеститори е 16.143 денари ако се изземат примањата на менаџерите и раководителите.

„Оваа плата не може да се споредува со просечната плата на државно ниво туку со истите индустрии во и надвор од зоните. Тоа значи дека ако се направи споредба со индустриските сектори кои се вклучени во слободните зони, а тука влегуваат автомобилската индустрија, производство на компјутерски и електронски делови, хидраулични и гумени производи, може да се каже дека отстапувањето на платите во слободните економски зони е минимално во однос на просечната исплатена бруто плата на територија на Македонија“, изјави неодамна Марјан Стојановски од Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Од друга страна дел од економистите сметаат дека освен ниските плати проблем е и непочитувањето на работничките права кај странските инвеститори.

„Лоши се институционалните услови односно лошо е законодавството кое овозможува кршење на работничките права и злоупотребување на работниците… Овозможено е тие да работат на кратки договори, не на трајно што овозможува фирмите да ги отпуштаат по истекување на договорот кој на пример е од само еден месец ако работникот покажал однесување кое што не е во интерес на фирмата“ вели економистот Бранимир Јовановиќ.

Домашните компании се чувствуваат дискриминирани

Менаџерите на домашните компании во најголем дел се чувствуваат дискриминирани во однос на инвеститори, но сепак ја поддржуваат политиката за привлекување странски корпорации. Ова го покажува истражувањето на граѓанското здружение DevelopmentSolutions кое спровело анкета кај 268 раководители на фирми. Од нив 70% целосно или делумно се согласуваат со тезата „домашните компании се дискриминирани во однос на странските инвеститори“.

„Дополнителен аргумент е дека на домашните инвеститори се посветува недоволно внимание, во смисла на тоа дека не може да добијат помош дури и во решавањето на некои основни проблеми од секојдневното работење, а камоли да добијат такви дарежливи повластици како што добиваат странците“, изјави неодамна Ристо Карајков, DevelopmentSolutions при презентацијата на истражувањето.

Сепак, инвеститорите имаат повеќе позитивен отколку негативен ефект, сметаат во DevelopmentSolutions. Според нив речиси сите држави на еден или на друг начин се обидуваат да ги привлечат големите компании кај себе.

„Забележана е и дури фрапантна цена од 800.000 евра што ги платила една држава за едно ново отворено работно место од страна на една германска компанија“, изјави неодамна Ристо Карајков од невладината DevelopmentSolutions.

За 6 месеци странски инвестиции од 123 милиони евра

Најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека во јуни нето странските директни инвестиции (СДИ) биле негативни односно дека компаниите повлекле речиси 3 милиони евра повеќе отколку што донеле во земјава.

Сепак, на полугодишно ниво состојбата е подобра. Вкупните СДИ во привте шест месеци од 2016-та биле речиси 123 милиони евра што е за 14 милиони повеќе од истиот период во 2015-та и за 6 милиони повеќе од 2014-та. Единствено јуни е месец со негативни тенденции.

Гледано по месеци, странските инвестиции во јануари биле 0.40 милиони, во февруари 34.53 милиони, во март 27.70 милиони, во април 30.86 милиони, во мај 32.36 милиони и во јуни минус 2.92 милиони евра или вкупно 122.92 милиони евра за шест месеци.

Според НБРМ во првото полугодие најмногу пари влегле од Германија, речиси 15 милиони евра, а најмногу пари биле повлечени кон Холандија, нешто над 17 милиони.

Најновата анализа на Здружението на млади истражувачи, пак, покажува дека во периодот од 2007 година до 2014 година биле најавени, а не биле реализирани 23 странски инвестиции кои требале да имаат вкупна вредност од 1,2 милијарди евра.

„Во периодот од 2011-та заклучно со вториот квартал од 2016-та имаме 1 милијарда и 193 милиони евра странски директни инвестиции што е помалку во споредба со 2007-та до 2010-та иако станува збор за подолг период во кој имаме зголемена администрација – министри за инвестиции, 30 промотори“ вели Горан Мојановски од ЗМАИ.

Младите истражувачи сметаат дека во Македонија треба да се формира инвестициски фонд по примерот на инвестициските фондови во европските земји, кој ќе менаџира со сите инвестиции во земјата.

„Овој фонд треба да управува со сите работи поврзани со инвестициите како привлекување на СДИ, јавни инвестиции, државна помош и поддршка на домашните приватни инвестиции. Институциите кои сега работат на привлекување на СДИ треба да бидат сектори во тој фонд“ вели Мојановски.

Сепак, и нивните анализи покажуваат дека политиките на привлекување на странски инвеститори се исплатливи – користа е поголема од трошокот.

„Според нашата cost-benefit анализа придобивките за македонската економија ги надминуваат трошоците, но тоа се базира на претпоставка дека фирмите би останале повеќе од 10 години во државата и дека ќе ја зголемат соработката со домашните компании“ објаснуваат младите истражувачи од ЗМАИ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП