5 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРоманот „Календарот на Маите“ во превод на македонски

Романот „Календарот на Маите“ во превод на македонски

maite

Во петок, од печат излегува преводот на романот „Календарот на Маите” на хрватскиот автор Зоран Фериќ, Роман на годината во Хрватска за 2012 година.

Се работи за 131. издание во популарната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ, чие излегување е дел од проектот „Креативна Европа” на Европската унија. Преводот од хрватски јазик е на Катица Гароска Ацевска, илустрацијата на корицата е на Марија Смилевска, а дизајнот на бригада.мк. По повод излегувањето на новата книга, читателите во петок и во сабота ќе имаат можност во книжарницата ИЛИ-ИЛИ книгата да ја набават по промотивна цена.

Календарот на Маите е роман за љубовта, но и за староста, за минливоста на времето. За насловот, авторот бил инспириран од романот „Под вулканот“ од англискиот автор Малколм Лаури, кој зборува за елиптичноста и релативноста на времето и во него впишаните животни судбини. Календарот е симбол на двојственостa што времето во својата минливост, во своето течение и во новото започнување, секогаш ја подразбира. Во верзијата на Фериќ тоа е приказна која жанровски покрива разнолико подрачје, тоа е семејна сага, љубовен, еротски, општествен роман, роман за убавината и за ужасот, за сѐ она што на овој или оној начин го дефинира животот на човекот. Или да се „заузди“ смртта, што е еден од лајтмотивите на Фериќ.

Зоран Фериќ (1961) е еден од најчитаните хрватски писатели од помладата генерација, кој со својот стил и искреност ги одушевува читателите уште со својата прва збирка раскази „Стапица за Волт Дизни” (1996). Потоа следи збирката раскази „Ангел во офсајд”, за која ја добива наградата на Јутарњи лист за најдобро прозно дело за 2000 година, како и наградата за проза „Ксавер Шандор Ѓалски”. Првиот роман со наслов „Смрт на девојчето со кибритчиња” го објавува во 2002 година. Целиот роман делува како мозаик на бизарни раскази кои би можеле одделно да се читаат. Својот втор роман „Децата на Патрас” (2005) самиот автор го опишува како комбинација на љубовна приказна и семеен трилер.

Во 2011 излегува романот „Календарот на Маите”, кој според Јутарњи лист е хрватски „Роман на годината” за 2012. Книгата ги добива и наградите „Киклоп” и „Владимир Назор”, како и наградата за книжевност на Град Загреб.

Неговиот најнов роман „Самотно близу море” (2015) раскажува за страстите на социјалистичките плажи.

Работи како професор по хрватска книжевност во гимназија во Загреб, а активен е и како колумнист во весникот Национал.

„Со овој роман Зоран Фериќ отпатува во темните предели каде ретко која јужнословенска писателска нога стапнала”, пишува Теофил Панчиќ, Време

„Во овој роман ќе се соочите не само со најзрелиот прозен текст кој излегол од работилницата на Фериќ, туку и со извонреден роман кој во сите аспекти далеку го надминува она што го сметаме за хрватски прозен стандард”, Јагна Погачник, Јутарњи лист.

„Тоа е роман составен од повеќе романи, складно склопени во целина без видливи шевови”, Гордан Духачек, tportal.hr.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП