1 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕК го повлече предлогот со кој наплатата на роамингот се ограничува на...

ЕК го повлече предлогот со кој наплатата на роамингот се ограничува на 90 дена

roaming1

Претседателот на Европската комисија(ЕК) Жан-Клод Јункер го повлече предлогот што Комисијата на почетокот на неделата го упати по прашањето на роамингот и побара да се направи нова верзија, објави ЕК.

„Претседателот Јункер им даде насоки на службите да го повлечат текстот и да работат на нов предлог“, велат од Комисијата.

ЕК во понеделникот предложи мобилните телефони во земјите членки на ЕУ да можат да се користат без плаќање на роаминг најмногу 90 дена годишно, со тоа што еднократниот престој надвор од домашната мрежа да не смее да биде подолг од еден месец.

Во јуни 2017 година целосно се укинува роамингот за телефонирање, испраќање на СМС пораки и за интернет. Но, за да се заштитат телекомуникациските оператори од можни злоупотреби, ЕК предложи насоки како тоа да се избегне.

Портпаролот на Комисијата Александер Винтерштајн рече дека предлогот на ЕК за „фер пристап“ во поглед на роамингот е објавен пред да го види Јункер. По негативните јавни реакции, Јункер рече дека предлогот не е добар и нареди да се изработи нов.

Комисијата по јавна расправа предложи во понеделник без плаќање надомест за роаминг да може да се гостува во друга мрежа најмногу 90 дена годишно, но еднократниот престој во гостинската мрежа да може најдолго да трае 30 дена. Тоа, според Комисијата, би требало да биде доволно за одење на годишен одмор и повремени патувања внатре во ЕУ, а патниците тоа да не го почувствуваат на сметките за мобилни. По истекот на предвидените рокови, операторите ќе можат да наплатуваат роаминг и тоа четири центи за минута разговор, еден цент за СМС и 0,85 центи за МБ.

Запрашан со што во предлогот Јункер не бил задоволен, Винтерштајн не одговори.

Укинувањето на роамингот ЕК го смета за еден од своите поголеми успеси. Првично беше предвидено роамингот целосно да се укине летото 2015 година, но на притисок на операторите и на некои земји членки, кои имаат силни туристички индустрии, тоа е одложено за две години.

Откако во понеделникот беа објавени насоките за спречување на злоупотреби, операторите се жалеа дека 90 дена е предолг рок, а пошироката јавност дека е прекраток и дека всушност не може да станува збор за целосно укинување на роамингот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП