19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина го ратификуваше Парискиот договор за климатските промени

Кина го ратификуваше Парискиот договор за климатските промени

zagaduvanje kina 33535

Кинескиот парламент во саботата го ратификуваше Парискиот договор за климатските промени, објави службената новинска агенција Xinhua, што е потег во полза на настојувањата овој договор да стапи на сила до крајот на годинава.

Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес гласал за прифаќање на „предлогот за разгледување и ратификување на Парискиот договор“, на затворен состанок на редовната седмична седница, пренесува агенцијата.

Оваа објава доаѓа во времето кога челниците од земјите од групата Г20 почнуваат да пристигнуваат во кинескиот град Ханжу на самитот кој ќе се одржи во недела и понеделник.

Државите од Г20 се одговорни за 80 отсто од глобалната емисија на гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклена градина, односно климатското загревање на планетата. САД, кои се вториот светски емитер на овие гасови, исто така, би требало да го ратификуваат договорот во обидите тој да стапи на сила до крајот на годинава.

Претставниците на околу 200 држави се договорија ланскиот декември во француската престолнина Париз за тоа да се намали емисијата на ткн стакленички гасови, како и да се задржи порастот на глобалната температура на под 2 Целзиусови степени.

Експертите предупредија дека веќе се заканува опасноста од надминување на оваа одредена температура, а агенцијата на Обединетите нации наведува дека 2016 година најверојатно ќе стане најтоплата година од почетокот на регистрирањето на овие податоци, и оти веќе ја надминала минатата 2015 година.

Додека 180 земји го потпишаа договорот, 55 држави коишто покриваат најмалку 55 отсто од глобалната емисија на гасовите треба формално да го ратификуваат договорот за да добие правна сила. Пред Кина, 23 земји го ратификуваа договорот, а меѓу нив и Северна Кореја, но на сите нив заедно отпаѓа само 1,8 отсто од вкупната емисија на стакленичките гасови, според податоците од Рамковната конвенција на ОН за климатските промени.

Кина е одговорна за повеќе од 20 отсто од вкупната емисија, додека САД покриваат уште 17,9 отсто. Русија, пак, е одговорна за 7,5 отсто а Индија за 4,1 отсто од глобалната емисија на стакленичките гасови.

Земјите кои го ратификуваа договорот ќе мораат да чекаат три години откако тој ќе стапи на сила пред да можат да го започнат процесот на повлекување од него, според договорот потпишан во Париз.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП