Охридска банка во минатата година оствари нето добивка од 128 милиони денари што е за 3,5 пати повисока од резултатите во 2011 година, покажуваат резултатите на Банката за работењето во минатата година што денеска ги потврдија акционерите.
– Во 2012 година, Охридска банка постигна нови остварувања во согласност со поставените стратешки цели, забележа пораст на бизнисот и ја одржа активната поддршка на клиентите наспроти отежнатата пазарна средина. Притоа постигна континуиран долгорочен позитивен тренд каде кредитите се зголемија за 16 отсто, депозитите за 19,2 отсто, средствата за 10,8 отсто, порастот на нето некаматните приходи за 17,3 отсто, додека трошоците останаа под контрола со благ пораст од само 2,5 отсто, соопштуваат од Банката.
Во соопштението се додава дека порастот на кредити, депозити и на профитабилноста е значаен за Охридска банка, но исто така претставува значаен поттик за порастот на банкарскиот сектор во Македонија во време кога ефектите од светската криза се уште се присутни.
Во 2012 година Охридска банка значително придонесе за порастот на банкарскиот сектор во Р. Македонија при што кредитите и депозитите се зголемија 2,3 и 4 пати над пазарниот просек, со што придонесоа за пораст на банкарскиот сектор со 17 отсто, односно 28 отсто. Средствата се зголемени за 1,6 пати над пазарниот просек со 12 отсто придонес кон порастот на банкарскиот сектор.
Билансот на состојба на Охридска банка со 31 декември 2012 година изнесува 27 милијарди денари што овозможи на Банката да ја потврди и зајакне позицијата на четврта голема банка во Македонија.
Кредитите од меѓународни финансиски институции значително се зголемени со 10 отсто учество во вкупните извори на средства, што придонесува за натамошна диверзификација на структурата на изворите на Банката.
– 2012 година означува година на позитивен придонес на сите елементи на Билансот на успех на Банката со цел солиден и подобрен нето резултат што се должи на засилените комерцијални активности, заштеди во оперативните трошоци и на целокупните трошоци под засилена контрола, позитивни ефекти од нето чинењето на ризик, квалитетот на кредитното портфолио и одличната наплата, намален правен ризик и позитивна капитална добивка.
– Ние сме посветени на одржување на ова подобрено ниво на финансиските перформанси со истовремено зголемување на нашето пазарно учество на среден рок. Во тек се проекти од суштинско значење што ќе ни помогнат во постигнувањето на нашата мисија -реализација на планираното репозиционирање во Скопје со ново седиште во главниот град, реструктуирање и оптимизација на мрежата на експозитури, натамошно подобрување на трошоците на Банката и управување со системите на контрола и внимателно управување со ризиците, истакна Јитка Пантучкова, претседател на Управниот одбор на Охридска банка.