4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Полноќна“ на Крајчев наградена на Струшките вечери на поезијата

„Полноќна“ на Крајчев наградена на Струшките вечери на поезијата

kul33

Лауреат на престижната награда „Енхалон“ која ја доделува фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, е поетот Игор Крајчев, а наградата е добиена за песната „Полноќна“.

Имено, наградата „Енхалон“ се доделува за најдобра песна прочитана од млад автор на еминентниот фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Жирито во состав, Иван Шопов, Виолета Танчева Златева и Жарко Кујунџиски, одлучија наградата „Енхалон“за  2016 на „Струшките вечери на поезијата“да ја понесе песната „Полноќна“ од Игор Крајчев.

„Станува збор за заокружена, елиптична песна, во која на симболичен начин е отсликана потрагата на субјектот по себеси, која е универзална и својствена за секој човек, а особено за творецот. Авторот вешто варира и надградува еден мотив, умножувајќи ги лирските субјекти во песната, преку играта на светлината и сенките. Авторефлексијата во песната е изведена со помош на интимистичките, субјективни тонови, но авторот сепак не навлегува во патетика, квалитет кој можеби не е толку својствен за останатиот дел од неговото творештво. Како една од естетски најважните особености на песната, ја издвојуваме едноставната, речиси минималистичка изведба и вештината да се поентира со малку зборови, без раздрдореност, без непотребна и претенциозна екстензивност. Крајчев во песната „Полноќна“ нè потсетува дека понекогаш способноста за „бришење“ е подеднакво важна како и способноста за пишување, а моќта да се „боцне“ читателот лежи токму во белите простори на листот“, стои во образложението на жири-комисијата.

Наградата беше врачена на последниот ден од фестивалот „Струшки вечери на поезијата“, симболично на полноќ, а на поетот-лауреат, му ја врачи директорот на фестивалот Мите Стефоски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП