24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтрански инвестции – мали ефекти од големи субвенции

Странски инвестции – мали ефекти од големи субвенции

in mac 00

Државата нуди неверојатни поволности за странските инвеститори, но судејќи според официјалните податоци ефектите од нив се мали – Македонија е меѓу последните држави во регионот според вложен странски капитал по глава на жител.

Во јуни повлекување наместо вложување пари

in mac 01

Наместо прилив, одлив на инвестиции. Најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) покажуваат дека во јуни нето странските директни инвестиции (СДИ) биле негативни односно дека компаниите повлекле речиси 3 милиони евра повеќе отколку што донеле во земјава.

Сепак, на полугодишно ниво состојбата е подобра. Вкупните СДИ во привте шест месеци од 2016-та биле речиси 123 милиони евра што е за 14 милиони повеќе од истиот период во 2015-та и за 6 милиони повеќе од 2014-та. Единствено јуни е месец со негативни тенденции.

Гледано по месеци, странските инвестиции во јануари биле 0.40 милиони, во февруари 34.53 милиони, во март 27.70 милиони, во април 30.86 милиони, во мај 32.36 милиони и во јуни минус 2.92 милиони евра или вкупно 122.92 милиони евра за шест месеци.

Според НБРМ во првото полугодие најмногу пари влегле од Германија, речиси 15 милиони евра, а најмногу пари биле повлечени кон Холандија, нешто над 17 милиони.

Претпоследно место во регионот според инвестициите по глава на жител

in mac 04

Според податоците на Здружението на млади истражувачи и аналитичари (ЗМАИ) земјава е на претпоследното место во регионот според привлекувањето на странски инвестиции по глава на жител.

Во 2014-та во Босна тие биле 111 евра, во Македонија 124, во Бугарија 178, на Косово 202, во Србија 210, во Албанија 284, во Црна Гора 601, а во Хрватска дури 612 евра по глава на жител.

Сепак, голем дел од овие средства се резултат на приватизации на државни компании или на преземање на постоечки приватни фирми. Ако се споредуваат само гринфилд инвестициите односно вложувањата во сосема нови погони Македонија и не стои така лошо. Во 2014-та во Албанија имало 6 гринфилд инвеститори, во Црна Гора 7, во Босна 21, во Хрватска 31, во Македонија 32, во Бугарија 52 и во Србија 81.

Во последните пет години владиниот тим на 58 роудшоуа

in mac 02

Во последните пет години според анализите на ЗМАИ владиниот економски тим направил 58 т. н. роудшоуа односно економски презентации често и во неколку соседни држави последователно за можностите за инвестирање во Македонија. Во 2011-та имало 8 организирани патувања, во 2012-та 19, во 2013-та 16, во 2014-та 10 и во 2015-та само 5.

Најчеста дестинација биле Соединетите Држави со 12 посети, потоа Германија со 4, Франција, Обединетото Кралство, Индија, Холандија и Кина со по 3, Италија, Данска, Турција, Естонија, Јапонија, Австрија, Аргентина, Бразил, Русија, Белгија и Канада со по 2 и Азербејџан, Јужна Кореја, Израел, Мексико, Литванија, хрватска, Украина, Катар, Шведска, Норвешка, Финска, Малезија, Италија, Франција и Сингапур со по 1 посета.

Анализата покажува дека посетите имаат најзначајно влијание еден квартал подоцна (20% од нив имале ефект врз движењето на нивото на инвестициите и трговскиот биланс на Македонија со истражуваните земји.

Истражувањето уште покажува и дека секоја дополнителна посета во просек и носи на земјава 3.25 милиони евра инвестиции.

Едно работно место во слободните зони чини 21.000 евра

in mac 03

Едно работно место во слободните зони значи 21.000 евра помалку пари во државниот буџет. Ова е заклучокот на Центарот за економски анализи кој направил пресметка за нето користа од странските инвеститори во периодот од 2007-та до 2014-та. До бројките дошле така што трошокот за директна и индиректна помош кој достигнал 56 милиони евра го поделиле со бројот на отворени работни места кој што во седумте компании кои функционираат таму е нешто над 3.000.

„Ако ги пренесеме тие трошоци на ниво на генерирани нови вработувања во овие компании, излегува дека едно ново вработување не чини 21.000 евра. Сепак, во периодот од 2007-та до 2014-та нето економските бенефити се позитивни за три од седум компании и изнесуваат околу 124 милиони евра. Позитивните ефекти од странските инвестиции се одложени, ги очекуваме во подоцнежните години“ објасни Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи при презентацијата на истражувањето.

Истражувањата покажале дека државната помош варира во зависност од висината на инвестицијата, но се движи помеѓу 7 до 47 отсто од вкупната вредност на инвестицијата.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП