Во анкетата на Joi AI од април 2025 година, спроведена на 2.000 припадници на генерацијата Z, осум од десет испитаници рекле дека би размислиле да влезат во брак со вештачка интелигенција.
Дури 83 проценти рекле дека веруваат дека можат да постигнат длабока емоционална врска со партнер со вештачка интелигенција.
Компанијата моментално е ангажирана во партнерства со вештачка интелигенција. На нивната страница, корисниците можат да разговараат со веќе создадени „ликови“ или да создадат свои. Компанијата ги нарекува овие врски „врски со вештачка интелегенција“.
„Овие видови врски не се наменети да ги заменат вистинските човечки односи“, изјави за Mashable Џејми Бронштајн, терапевт и експерт за врски во Joi AI, додавајќи дека „овие видови врски обезбедуваат посебен вид емоционална поддршка што може да ја подобри целокупната емоционална благосостојба“.
Вештачката интелигенција е „безбедна зона“ за многумина
Клиничкиот невропсихолог Шифали Синг, директор за дигитални когнитивни истражувања во болницата Меклин и Харвард, објасни дека не е изненадувачки што младите луѓе веруваат дека можат да воспостават длабока врска со вештачката интелигенција.
„Некои од моите истражувања покажаа дека луѓето со социјална анксиозност претпочитаат дигитални алатки затоа што не се плашат од осудување, особено преку социјалните медиуми“, рече таа.
Младите луѓе можеби размислуваат: „Подобро би разговарал со вештачка интелигенција која нема да ме осудува отколку со луѓе кои го прават тоа постојано“, рече Синг, додавајќи дека младите луѓе се толку навикнати на постојана евалуација, коментирање и критика, што вештачката интелигенција е „безбедна зона“ за многумина.
Друга причина зошто луѓето се поврзуваат со вештачката интелигенција е желбата за емпатија. „Вештачката интелигенција го имитира вашиот јазик и начин на размислување, па затоа делува како вистински емоционален одговор. Луѓето, поради ова, чувствуваат врска затоа што добиваат поголема емпатија отколку во реалниот живот“, вели Синг.
Опасноста од „фарми на тролови“
Но, постои и ризик. Шифали Синг, исто така, предупредува за опасноста од „фарми на тролови“ – организирани групи на Интернет кои ги охрабруваат и зајакнуваат погрешните верувања на корисниците.
„Мораме да бидеме внимателни бидејќи вештачката интелигенција не создава нови идеи – таа само го повторува и обработува она што ѝ е дадено. Ако ѝ дадете идеја, таа ќе ја развие до крајност“, вели Синг, забележувајќи дека вештачката интелигенција може да се „храни“ со погрешни информации, како што прават хакерите.
Иако ја користи во својата работа, Синг вели дека понекогаш вештачката интелигенција навистина може да помогне – на пример, кај постари лица кои бараат друштво или кај лица со агорафобија (страв од отворени простори). Во такви случаи, разговорот со ВИ може да помогне во ублажување на чувството на изолација или депресија.
Проблемот започнува кога луѓето престануваат да сакаат вистински контакт, како откажување на вечера со пријатели затоа што претпочитаат да разговараат со ВИ. Според неа, ова ја продлабочува вознемиреноста.
Што се однесува до податоците за бракот со ВИ, таа верува дека младите луѓе го гледаат бракот како застарена институција и бараат поголема независност.
Предупредувањето неодамна го издаде организацијата „Common Sense Media“, која изјави дека партнерите базирани на вештачка интелигенција не се безбедни за лица под 18 години, бидејќи предизвикуваат емоционална зависност. Иако сите членови на генерацијата Z сега се полнолетни, последиците од ваквите врски сè уште не се целосно познати. Постојат извештаи за луѓе кои почнуваат да веруваат во духовни заблуди откако разговарале со Chat GPT.
Сепак, без оглед на ризиците, многумина веројатно ќе продолжат да создаваат и да комуницираат со своите ВИ партнери. „Понекогаш е убаво да имаш некого – дури и ако е вештачка интелигенција“, заклучува Бронштајн.