17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПад на цените на нафтата, Ријад ги придуши шансите за замрзнување на...

Пад на цените на нафтата, Ријад ги придуши шансите за замрзнување на производството

nafta 774

Цените на нафтата паднаа во петокот на меѓународните пазари и на пат се да го остварат најголемиот седмичен пад во текот на еден месец, откако саудискиот министер за енергетика ги придуши очекувањата дека најголемите светски производители може следниот месец да договорат мерки за зауздување на производството.

На лондонскиот пазар цената на барелот падна за 52 центи во однос на претходно затворање на тргувањето, и изнесуваше 49,15 долари. На американскиот пазар, пак, со барелот се тргуваше по 28 центи пониска цена отколку во четвртокот, од 47,05 долари.

Одвоено Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) објави дека референтната цена барел од кошницата нејзина нафта во четвртокот изнесувала 45,28 долари, што значи дека останала речиси непроменета во однос на претходниот трговски ден.

Саудискиот министер за енергетика Калид ал-Фалих во четвртокот изјави дека не верува оти „на пазарот е потребна некаква поголема интервенција, освен на силите на понудата и на побарувачката да им се овозможи за нас да ја завршат работата“, и додаде дека пазарите веќе се движат во вистинска насока.

Земјите членки на OPEC планираат да се состанат на маргините од Меѓународниот енергетски форум, кој од 26-ти до 28-ми септември во Алжир ќе ги собере групите производители и потрошувачи. Изјавата на саудискиот министер ги задуши очекувањата дека ќе следат осмислени интервенции на пазарот кој е премногу снабден во периодот подолг од две години.

Цените на суровата нафта оваа седмица досега загубија повеќе од 3 отсто и се очекува дека тоа ќе биде најголемиот седмичен пад во август.

„Во оваа седмица јасно на пазарот можеше да се види затегнување на јажето меѓу фундаментите и продолжувањето на ’вербалната интервенција’ од разни членки на OPEC. Всушност, цените на пазарите се задржаа релативно близу 50 долари, а според мене, тоа е најмногу што OPEC може да бара во овој момент“, вели Оле Хенсен од „Saxo Bank“.

Иран во петокот извести дека ќе соработува со другите производители за да се направи рамнотежа на нафтениот пазар, но додаде дека очекува и другите да ги почитуваат неговите права. Многу аналитичари, меѓутоа, сметаат дека Техеран ќе биде истраен во настојувањата да го врати својот пазарен удел со зголемување на производството, по укинувањето на санкциите во јануари.

„Не очекуваме дека на состанокот на OPEC во септември ќе биде договорено замрзнување на производството, ниту дека тоа значително ќе влијае на нафтените пазари, бидејќи клучните членки на OPEC најмногу ги загрижува нивниот пазарен удел“, вели Остејн Берентсен од сингапурската компанија „Strong Petroleum“.

Имајќи ја предвид преголемата понуда којашто под притисок ги држи цените на нафтата, Берентсен коментира дека резервите од нафта во светот „паѓаат пребавно за да ја одржат цената на нафтата над 50 долари“./

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП