Солидниот економски развој на Германија генерираше рекорден буџетски суфицит во првото полугодие, соопштува „Ројтерс“. Тоа предизвика дебати во земјата како да се користат средствата – за намалување на даноците или за зголемување на трошоците.
Германскиот буџет е во плус од 2014-та година. Во периодот јануари – јуни 2016-та година, вишокот веќе достигнува 18,5 милијарди евра, што е 1,2% од бруто домашниот производ (БДП) на земјата, покажуваат податоците на Федералната статистичка служба.
Оживувањето на економијата доведува до раст на приходите од даноци. Во исто време трошоците се намалени до невидени ниски нивоа. Така Германија забележа рекорден вишок од своето обединување.
Ова ќе му овозможи на министерот за финансии Волфгант Шојбле да ги зголеми трошоците за изградба на инфраструктура и друго пред изборите во 2017-та година. Во исто време од Меѓународниот монетарен фонд, како и лидерите од другите земји од еврозоната, пак инсистираат за зголемување на инвестициите, особено во образованието што ќе го поддржи анемичниот економски раст во монетарната унија.
Владејачката коалиција во Германија исто така не е сосема свесна за тоа како да го потроши буџетскиот вишок. Социјалдемократите пример побараат повеќе инвестиции во едукација и социјална интеграција, додека конзервативците на Меркел инсистираат за намалувањето на даноците.
Од Министерството за финансии, пак, се категорични – уште е рано да се прават заклучоци базирани на податоците за првите шест месеци од годината.
„Треба да ги почекаме конечните резултати на крајот на годината. Да почекаме и да видиме како ќе се одвиваат работите“, коментира портпаролот на институцијата.
Статистичката служба на Германија сепак потврди забавувањето на економијата во вториот квартал – растот е од 0,4%, наспроти 0,7% во првиот квартал. Во исто време, сепак, германската економија забележа над просекот на раст на еврозоната, кој достигна 0,3 проценти.