Цените на нафтата падна денес на најниското ниво од април, притиснати од забавувањето на глобалниот економски раст, кој се заканува да ја зголеми заситеноста на пазарот со сирова нафта и нафтени деривати.
Цената на барел сирова нафта на лондонската берза падна за 81 цент во однос на четврток, на 41,89 долари, најниското ниво од април, а на американскиот пазар за 54 центи, на 40,60 долари.
Заситеноста на пазарот го неутрализираше влијанието на прекинот во снабдувањето во Либија и Нигерија, посебно откако големите резерви на нафтени производи фрлија сомнеж на побарувачката на рафинериите.
„Сѐ повеќе постои сомнеж во скоро завршување на нерамнотежата во понудата на нафта“, рече Стивен Бренок од брокерската куќа PVM.
Евтината сирова нафта ги наведе рафинериите на зголемено производство, што оваа година ги нагриза маргините во Америка, Европа и Азија, спуштајќи ги приходите на производителите на нафта и рафинериите.
Иранскиот извоз на главните купци во Азија (Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја), скокна во јуни за 47,1 отсто во однос на претходната година, на 1,72 милиони барели дневно, што е највисокото ниво повеќе од четири години. Зголемувањето на продажбата е најнов знак дека агресивните потези на Техеран со цел враќање на пазарниот удел, изгубен за време на меѓународните санкции, даваат резултати.
Заради постојаната голема понуда, американската банка Goldman Sachs објави оваа недела дека во скоро време не се очекува големо закрепнување на цените.
„И натаму очекуваме цените на нафтата да останат на ниво од 45 до 50 долари до средината на 2017 година, со ризик за пад во краток рок“, соопшти банката.
Во одвоениот извештај, Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) соопшти дека референтната цена на барел од нејзината нафта во четврток изнесуваше 39,79 долари, што значи дека паднала за 70 центи во однос на претходниот трговски ден.