10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродолжува „топењето“ на девизните резерви, но со побавно темпо

Продолжува „топењето“ на девизните резерви, но со побавно темпо

ty

Продолжува „топењето“ на девизните резерви. Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) тие на крајот на јуни 2016-та изнесувале 2 милијарди 158 милиони и 770 илјади евра што е за 96 милиони евра помалку во однос на јуни 2015-та.

Трендот на намалување на девизните резерви почна од почетокот на годината, но значително се засили во март кога НБРМ беше принудена да интервенира за да го одбрани курсот на денарот кој беше под закана од шпекулациите за можна девалвација.

Токму во последните три месеца е забележан и најголем месечен пад – во април биле намалени за 32.4 милиони евра, во мај за уште 29.5 милиони евра, а во јуни за 5.6 милиони.

Народната Банка во моментов чува 1 милијарда и 654 милиони евра во хартии од вредност, 240 милиони во валути и депозити, 260 милиони како монетарно злато и 4.74 милиони како специјални права за влечење.

Сепак монетарната власт оценува дека девизните резерви остануваат на соодветно ниво.

„Девизните резерви и понатаму се одржуваат на соодветното ниво, и покрај негативниот шок во вториот квартал, кога се пролонгира разрешницата на домашната политичка криза, којашто се прелеа во домашната економија. Ризиците за економијата и натаму се оценуваат како неповолни и главно се поврзани со домашната политичка криза, а присутни се и надворешните ризици на кои беше посочено во априлската проекција. Нов ризик во овој контекст претставува референдумското гласање на Обединетото Кралство за излез од Европската Унија“ заклучил на вчерашната седница Советот на Народната банка.

Девизните резерви освен во евра и американски долари се чуваат и во австралиски и канадски долари, како и во норвешки и шведски круни. Оваа практика стана поизразена пред три години откако се засили кризата во Еврозоната.

Инаку девизните резерви ја гарантираат вредноста на денарот. И стојат на располагање на Народната Банка за регулирање на нерамнотежите во платниот биланс и на девизниот пазар.

Токму тоа и се случи пред три месеци кога поради шпекулациите за наводна девалвација почна засилено повелување на депозитите од банките и претворање на денарите во евра. Тогаш НБРМ директно интервенираше на девизниот пазар, но воведе и низа други мерки – зголемување на стапката на задолжителна резерва за обврски на банките со валутна клаузула од 20% на 50%, доведување на каматната стапка за девизните депозити што деловните банки ги имаат во централната банка од негативната зона до 0% како и зголемување на каматата за благајничките записи од 3.25% на 4%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП