Додека Велика Британија го планира излегувањето од Европската унија (ЕУ), политичарите бараат начини земјата да ја задржи својата водечка улога како центар на глобалниот капитал. Една од идеите – претворање на Велика Британија по „Brexit“ во даночно прибежиште, раскажува „Bloomberg“.
Во деновите по изборите на 23-ти јуни за напуштање на ЕУ кабинетот на веќе поранешниот премиер Дејвид Камерон повика на намалување на горната стапка на корпоративниот данок од 20% на 15%. Наследникот на Камерон, Тереза Меј не го поддржала предлогот.
Некои членови на парламентот, поддржувачи на „Brexit“ сепак повикуваат данокот на добивка да биде променет. Многу економисти сметаат дека оваа идеја ќе се разгледува во најмала рака како адут за освојување на поповолни услови при договорот со ЕУ.
За финансиските министри во Европа даночната конкуренција е алармантна перспектива. Европските лидери неодамна договорија план за ограничување на даночните дупки кои според различни пресметки доведоа до изгубени приходи од 100 милијарди долари годишно.
ЕУ веќе ги санкционираше Ирска, Луксембург и Холандија – земји чии толерантни даночни закони дозволија на мултинационални компании како „Starbucks“, „Apple“ и „Microsoft“ да го преместат профитот и да ги заобиколат даноците. Постојат стравувања дека посилна соработка во ЕУ може да ја натера Британија да понуди повеќе даночни олеснувања и пониски стапки, што ќе го направи остатокот од Европа помалку конкурентен.
Може и да изгледа омаловажување за Велика Британија да ја испитува ваквата тактика за даноците, како помош за економски развој, користена од Кајманските Острови или Бермуди, пишува агенцијата. За да ги види потенцијалните придобивки сепак, Лондон само треба да погледне преку границата кон Ирска. Од 70-тите години наваму Ирска, каде горната стапка на корпоративниот данок во моментов е 12,5%, користела голем број даночни олеснувања, за да се промовира бизнис.
Стратегијата се зема како основна за заживувањето на економијата и создавање на фармацевтскиот и технолошки сектор. Американските мултинационалните компании како „Medtronic“ се соединија со ирски компании во т.н. инверзии кои го преместуваат седиштето на американската компанија и некои нејзини средства надвор од САД.
Економистите предупредуваат дека формулата на Ирска сепак може да не функционира во Велика Британија. Во коментар, за Ројтерс по гласањето околу „Brexit“, Паскал Сен-Аман, висок даночен претставник на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), вели дека силното намалување на даноците обично е рентабилно за малите земји со релативно неразвиени бизнис сектори. Во овие земји загубата од даночни приходи се компензира значително од новите инвестиции.
Ова не важи за Велика Британија, сепак, која се очекува да биде отежната поради негативното влијание на „Brexit“ врз растот, смета Сен-Аман.
Индустријата во која намалувањето на даноците, сепак може да помогне, е и најважната за Британија: финансиските услуги. Напуштајќи ја ЕУ, Островот ќе може слободно да промени некои од даноците во секторот. Ако овој потег на Велика Британија се смета за нечесен кон други земји, тогаш ЕУ може да нанесе одмазднички удар, ограничувајќи го пристапот на земјата до пазарите, вели Даниел Грос, директор на „Centre for European Policy Studies“.
„По „Brexit“ земјите членки на ЕУ ќе можат да го возвратат ударот и да одговорат на секој обид на Британија да стане даночен рај“, вели тој.
Во предвид на овие ограничувања британската стратегија може да еволуира од даноци до прописи.
„Велика Британија не е во позиција да ги користи даноците за да привлече луѓе да се преселат таму. Претходните намалување на даноците создадоа извонредно малку работни места. Ако Велика Британија ја напушти целосно ЕУ, вистинската трка ќе биде во олабавување на регулациите“, вели Ричард Марфи, политички економист кој управува со „Tax Research U.K.“.