Денес, со почеток во 20 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена изложба на колажи со наслов „Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот“ од авторката Валентина Илијевска.
Изложбата содржи 25 дела и веќе беше претставена во Скопје.
Валентина Илијевска e родена во Скопје, а живее и работи во Куманово. Завршила средно образование при ДСУПУ ,,Лазар Личеноски”-Скопје, а дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)- Скопје.
Оддел графика и графички техники во класата на проф. Мирко Вујисиќ со насока на конзервација и реставрација со проф. Невенка Величковска и Момчило Трајковски. Магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство.
Има учествувано на повеќе групни изложби, а организирала и самостојни во Македонија. За својата работа добила повеќе награди
За проектот “Малото девојче во светот со големи очекувања за човекот“ самата авторка ќе запише започнувајќи со цитат од еден голем уметник: … “За да бидеш уметник, првин треба да бидеш човек“- Огист Роден. Луѓе кога ќе научиме како да бидеме и станеме Човек? Изложбата е одраз на секојдневните случувања и нашите опкружувања. За падот на империјата со која раководат рациото и емоцијата. Помалку критикувани, а повеќе вреднувани со ликовниот јазик. Комбинираната техника во делата е симбиоза на сликарските техники, како пандан на затечената состојба на современиот човек…“
Изложбата ќе биде поставена во наредните 14 дена.