17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија троши три пати повеќе енергија од европскиот просек

Македонската економија троши три пати повеќе енергија од европскиот просек

ef

Македонската економија троши три пати повеќе енергија од европскиот просек за да го постигне истиот резултат.

Според податоците на најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС), „Одржлив развој“, на 1.000 евра додадена вредност во земјава се вложуваат 340.5 кгне (нормализирана единица енергија), а на ниво на Унијата се вложуваат 122 кгне.

Полошо од Македонија стојат само Естонија со 386.4 кгне, Србија со 441.9, Бугарија со 448.8 и Исланд со 551.5 нормализирани единици енергија.

Сепак, земјава има тенденција на подобрување на состојбата. Бројките секоја година се пониски во однос на претходната. Во 2014-та потрошувачката била 340.5 кгне, во 2013-та 363.7, во 2012-та 411.0, а во 2001-та дури 605.5 кгне.

„Намалената енергетска интензивност значи помало количество на енергија потребно за производство на ист аутпут, што е поврзано со енергетската ефикасност… Високата енергетска потрошувачка е резултат на високата енергоинтензивност на капацитетите – носители на економскиот раст. Речиси една третина од потрошувачката на електрична енергија е резултат на високоенергетските интензивни индустрии“ стои во образложението од публикацијата на ДЗС.

Еден денар вложен во енергетска ефикасност = три денари заштеда

Еден вложен денар значи три денари заштеда. Вака експертите ги објаснуваат придобивките од енергетската ефикасност.

„Таа е неопходност и еден од највредните и најекономични ресурси кој обезбедува економска стабилност, заштита на околината и намалување на увозот на скапите енергенси. За таа ќе мора да се обезбеди време за изградба на новите објекти и да се примени во постоечките оти секој денар вложен во енергетска ефикасност се враќа назад како три денари добивка. Сите нови реконструкции на болници, училишта, нови автобуси, ново улично осветлување, како и граѓаните кои ги менуваат прозорците и прават изолација на домовите се дел од мерките за енергетска ефикасност“, вели професорот Константин Димитров, претседател на Центарот за енергетска ефикасност на Македонија.

Стратегии и планови имаме, но колку ги применуваме?

„Стратегија за развој на енергетиката до 2030 “, „Стратегија за унапредување на енергетската ефикасност до 2020 година“, „Стратегија за искористување на обновливите извори на енергија “, „Прв Акционен план за енергетска ефикасност до 2018 година“. Ова се само дел од документите што земјава ги има усвоено – во некои сектори мерките се реализираат без проблеми, во некои со мали застои.

Според  овие зацртани цели Македонија треба да оствари годишни заштеди во потрошувачката на финална енергија од најмалку 147 килотони нафтени еквиваленти енергија до крајот на 2018 година, односно најмалку 9%, и тоа во следните сектори: комерцијален и услужен, индустриски, транспортен и станбен.

Целите се уште не се достигнати, а надлежните тврдат дека приоритет за државата е за подобрување на квалитетот на животот на своите граѓани, а во полето на енергетскиот сектор, тоа ќе се постигнело преку политики кои се базираат на сигурност во снабдувањето, одржливост и конкурентност.

Ова го тврди министерот за економија, Дритон Кучи.

„Со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација, Македонија презеде обврски и во енергетскиот сектор за усогласување на националното законодавство со она на ЕУ, но и за либерализација и развој на пазарот на електрична енергија и негова интеграција во единствениот европски пазар, процес кој не е ниту едноставен, ниту краткотраен“ изјави неодамна Дритон Кучи, министер за економија.

75% од општините имаат програми за енергетска ефикасност

Има напредок, но има и уште многу работа за Македонија да се приближи до европските стандарди за енергетска ефикасност.

Истражувањето „Анализа на локалните програми за енергетска ефикасност во Македонија – состојби, предизвици, решенија“ од Ана Стојиловска, истражувач за енергетски прашања во тинк тенк организацијата Аналитика покажува дека една четвртина од општините немаат донесено програма за енергетска ефикасност.

Онаму каде што таа постои како главни мерки предвидува подобрување на осветлувањето и изолацијата во јавните објекти, но во најголем дел од програмите отсуствуваат мерки за темелно подобрување на греењето, поамбициозни мерки за обновливи извори и мерки за станбениот сектор.

Според истражувањето најдобри примери се општините Карпош, Кисела Вода и Пехчево.

Генералниот заклучок е дека состојбата со донесување и спроведување на програмите е далеку од беспрекорна. Ќе бидат потребни значителни напори за подготовка на амбициозни проекти и за нивно активно спроведување.

Потребно е општините кои немаат донесено програма за енергетска ефикасност да ги проучат добрите примери на програми за енергетска ефикасност и да побараат поддршка за нивна подготовка.

Што всушност е енергетската ефикасност?

Самиот поим на енергетска ефикасност нема посебна дефиниција. Како што и самиот зборот кажува се работи за ефикасно користење на енергијата. Оваа значи дека енергетска ефикасност подразбира  множество на мерки кои се превземаат со цел да се намали потрошувачката на енергијата, а кои не ги рушат постоечките услови на работењето.

Мора да се направи разлика помеѓу заштедата на енергијата и енергетската ефикасност. Штедењето на енергијата секогаш подразбира одредено одрекнување, додека енергетската ефикасност донесува зголемување на квалитетот на животот.

Она што му е заедничко за овие два термина е намалување на енергетските трошоци. Но затоа начинот на ова намалување е суштински различен – со енергетската ефикасност не го намалуваме комфорот на нашето живеење или пак не го загрозуваме производниот процес. Од друга страна доколку штедиме енергија тоа не може без намалување или загрозување на веќе достигнатиот комфор на живеење или пак без да го намалиме квалитетот на производството.

Концептот на енергетската ефикасност не се јавува само во потрошувачката на енергијата туку и во производството и дистрибуцијата. Загубите во производството на енергијата изнесуваат и до 66%! Загубите во транспортниот сектор (железнички, патен и друг вид на сообраќај) изнесуваат околу 71%, во индустријата и во домаќинствата по околу 20%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП