На Волстрит во понеделникот индексот S&P 500 го достигна највисокото ниво во историјата, бидејќи растот на американската економија забрзува, а вложувачите веруваат дека централната банка Federal Reserve (Fed) нема до крајот на годинава да ги зголемува каматните стапки.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,44 отсто, на 18.226 поени, индексот S&P 500 порасна за 0,34 отсто, на 2.137 поени, а Nasdaq индексот, пак се зголеми за 0,64 отсто, на 4.988 индексни поени.
Индексот S&P 500 се проби во понеделникот над рекордното ниво, достигнато во мај минатата 2015 година, бидејќи пазарите и натаму се поддржувани од подобрите отколку што се очекуваа податоци за вработувањето во САД. Со тоа ги надомести сите загуби од почетокот на годинава, кога цените на акциите остро паднаа поради стравувањата на инвеститорите од последиците на забавувањето на растот на кинеската економија и падот на цените на нафтата на најниските нивоа во последните 13 години.
Тие податоци, објавени во петокот, ги уверија вложувачите дека растот на најголемата светска економија забрзува, по забавувањето во првиот квартал од годинава. Покрај тоа, вложувачите веруваат дека Fed поради нарушувањата на пазарите по Brexit-от нема до крајот на годинава да ги зголеми каматните стапки.
Поради тоа, пак, приносите на обврзниците се движат на извонредно ниски нивоа, што вложувачите ги насочува кон инвестиции со поголеми приноси, како што се акциите.
„Во моментов нема раст на приносите од обврзниците кои би го запреле подемот на цените на акциите, па тоа е една од причините за растот на пазарите“ вели Џим Паулсен, стратег во компанијата „Wells Capital Management“.
Вложувачите, исто така, се надеваат дека сезоната на објавувањата на деловните извештаи на компаниите и на банките за вториот квартал, која започна во понеделникот со објавата на финансиските резултати на „Alcoa“, ќе биде подобра од минатата.
Аналитичарите, пак, во анкетата на Reuters проценуваат дека и во второто тримесечје заработките на компаниите од составот на S&P 500 индексот паднале, и тоа за 4,7 отсто. Тоа би биле веќе четврти квартал по ред како заработките паѓаат, но тој пад, сепак, би бил помал во однос на претходниот картал, кога изнесуваше 5 отсто.
Но и покрај рекордот на S&P 500 индексот, во понеделникот на пазарите сепак не владееше еуфорија, на што укажува потпросечниот обем на тргувањето. На американските берзи сопствениците ги заменија 6,26 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена изнесуваше 7,8 милијарди акции.