4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСветската оперска дива Елина Гаранча најави незаборавна вечер на Антички

Светската оперска дива Елина Гаранча најави незаборавна вечер на Антички

елина

Оперската дива Елина Гаранча која вторник вечер ќе го отвори 56-то издание на фестивалот „Охридско лето“, во неделата попладнето пристигна на скопскиот аеродромот „Александар Велики“

Срдечна и непосредна, со широка насмевка и неодолив шарм, кратко изјави дека со нетрпение чека да пристигне на охридската ривиера, место за кое слушнала дека е волшебно со прекрасно езеро.

„Само што пристигнав во Македонија и ова е мое прво доаѓање на фестивалот Охридско лето. Едвај чекам да го видам тој прекрасен град и фестивал. Пред извесно време настапив со Дмитри Хворостовски кој со одушевување ми раскажуваше за неговиот настап пред три години. Се надевам дека и јас ќе ги доживеам истите мигови“, рече светски познатиот мецо-сопран.

Гаранча веднаш од аеродром со луксузен автомобил обезбеден од органзиаторит тргна за Охрид каде ќе биде сместена во апартман на хотелот „Инекс Горица“. Според најавите во понеделник, заедно со диригентот Ион Марин и раководството на Фестивалот , во претседателската вила ќе бидат примени од претседателот Ѓорге Иванов.

Љубителите на уметноста на 12 -ти, на свеченото отворање на фестивалот, ќе имаат ретка можност да уживаат во нивниот заеднички настап во придружба на Оркестарот на Македонската опера и балет.

Маестро Ион Марин,пак, во Скопје пристигна три дена порано а во неделата допатува во Охрид.

„Многу ми е драго што сум повторно во Македонија. Во Охрид сум првпат професионално како диригент, но,всушност ова е мое трето доаѓање во Охрид и Македонија, и многу сум возбуден“, рече маестро Марин веднаш по пристигнувањето.

Романскиот диригент очекува незаборавен настап.

„Ја погледнав програмата за оваа година и можам да кажам дека е грандиозна има светски познати уметници а повеќето од нив се и мои пријатели. Години наназад слушам само пофалби за фестивалот од моите колеги но сега самиот се уверив и навистина ми е чест што сум дел од 56-то издание на Охридско лето. Особено ми е чест што ќе настапам со оперската дива Елина Гаранча која е на врвот на оперската сцена. Верувам дека заедно со Оркестарот на Македонската опера и балет ќе направиме незаборавен концерт, изјави диригентот кој е еден од ретките кои има добиено интернационално признание и во симфонскиот и во оперскиот жанр“.

Горд на фактот што е втора генерација од семејството што е дел од Охридско лето, вели дека честа да се настапи на вака познат Фестивал е огромна.

„Мојот татко Константин Марин како диригент на Хорот на Романските мидригалисти беше дел од овој фестивал во далечната 1967 па со 1997 година. Првиот пат бев седумгодишно дете, а потоа веќе момче и многу добро паметам дека тоа беше преубав престој. Сеуште се сеќавам на плажите, на преубавата црква Света Софија каде беа концертите. Прва работа која ќе ја направам кога ќе дојдам е да ја видам црквата. Со нетрпение чекам да дојдам и да си ги освежам сеќавањата“, рече Марин.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП