15 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонски парадокс: над 5.000 слободни работни места, а 24.5% стапка на невработеност

Македонски парадокс: над 5.000 слободни работни места, а 24.5% стапка на невработеност

vrabotuvanje zavod 394

Дисбаланси на македонскиот пазар на труд – компаниите не можат да најдат соодветен кадар, а невработените не можат да најдат соодветен ангажман. Во моментов има над 5.000 слободни работни места, а стапката на невработеност е 24.5%.

Над 5.000 слободни работни места во моментов

Агенцијата за вработување (АВРМ) во моментов располага со 5.068 слободни места. Преку неа компаниите бараат речиси секаков кадар – од продавачи, возачи, рецепционери до лекари, еколошки инженери, економисти. Сепак, најголем дел од слободните позиции се за луѓе со без посебни квалификации или со средно стручно образование.

„Овие професии кои налик се ’валкани’ професии, се професии со кои нема да бидеш невработен, затоа што секогаш ќе има работа за занаетчиите, за техничките кадри, нормално имаме потреба и од општествените, но потребата од техничките е некаде над 70 проценти од сите објавени огласи“, велат од АВРМ.

Дисбалансите се решаваат преку обуки

Дисбалансите на пазарот на трудот се решаваат и преку субвенционирани обуки. Ги организира Агенцијата за вработување. Траат четири месеци од кои еден месец во реална работна средина.

Компаниите кои ги спроведуваат добиваат 30.000 денари по обучено лице, а невработените месечен надомест од 6.200 денари.

Освен оваа програма, на корисниците им стојат на располагање и програмите за практикантство, за обука кај познат работодавач, за стекнување основни вештини за вработување.

Практична настава и менторска работа – барање на бизнисмените

Бизнисмените постојано апелираат дека тешко доаѓаат до соодветно обучени работници.

„Колку имаме подобар кадар, толку повеќе ќе бидеме интересни за инвестиции. Стопанството, мора постојано да инвестира во своите вработени, а Македонија нема друг избор и мора да имаме добри кадри… Во последниве години се посветува поголемо внимание на човечките ресурси, односно на квалитетот на кадарот и негово задржување, но потребни се промени во неколку насоки, во регулативата, во стопанството и во едукацијата на младите “ изјави неодамна Дарко Велков од Сојузот на стопански комори (ССК).

Во ССК излегоа и со предлог – мерки во оваа насока. Бараат законски измени за практиканска работа преку кои би се регрутирале работници уште во средните училишта.

„Веруваме дека со подобрување на менторската програма ќе се зголемува квалитетот и бројот на ученици на кои ќе им биде понудена работа. Но, постојат струки со реално високи трошоци за пракса и затоа е потребно допрецизирање на членот 14 од Законот за стручно образование и да се направи одредена мотивација на компаниите за земање повеќе ученици од средното стручно образование“, изјави Велков.

Младите полека се вртат кон стручното образование

Проблемот не е само во праксата, туку и во изборот на образованието. Сепак, годинава за прв пат во првото пријавување во првиот уписен рок повеќе полуматуранти се одлучија за стручно, а помалку за гимназиско образование – од запишаните 9.085 ученици, 4.880 одбрале стручна, а 4.205 гимназиска насока. Сепак, ова може да се промени со второто пријавување кое е во тек, во училиштата има речиси 26.000 слободни места.

„Нашите ученици се барани на пазарот на труд, веднаш по завршувањето, ние веќе чувствуваме потреба да поставиме и огласна табла со работни места за матурантите“ вели Ефтим Пејовски од средното електро – техничко училиште „Михајло Пупин”.

Државата најавува образовни реформи

Државата веќе започна со реформи на средното стручно образование во соработка со меѓународни консултанти. Ќе се реформираат 14 струки, 52 образовни профили и 1.300 наставни програми со цел, како што велат надлежните, да се добие модернизирано и европски усогласено стручно образование, прилагодено на пазарот на трудот.

„Ќе утврдиме кои наставни програми треба целосно или делумно да се променат. Ќе утврдиме за кои предмети се потребни нови учебници и дополнителни наставни помагала. Ќе се набави соодветна опрема, која е неопходна за квалитетна практична настава, со цел да се унапредат стручните вештини. Реформата треба да заврши до 2018-та година“, објасни неодамна заменик – министерот за образование, Спиро Ристовски.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП