20 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСорос: Во случај на Brexit, фунтата ќе падне за над 15 отсто

Сорос: Во случај на Brexit, фунтата ќе падне за над 15 отсто

funta

Американскиот берзански шпекулант Џорџ Сорос предупреди на сериозни последици за британските работни места и финансиите, доколку Британците се одлучат да излезат од Европската унија, истакнувајќи дека британската фунта во тој случај би можело значително да ослаби.

Во обемниот напис во британски The Guardian, американскиот милијардер Џорџ Сорос, предупредува на остар пад на британската валута доколку во Велика Британија на референдумот од 23-ти јуни победат поборниците за излегувањето.

Сорос, имено, своето големо богатство го стекна токму обложувајќи се на падот на фунтата на ткн „црна среда“ од 16-ти септември 1992 година, кога Велика Британија излезе од Европскиот курсов механизам (ERM), а Brexit-от, како што смета сега, би создал уште поголеми нарушувања, односно земјата би можела да очекува „црн петок“.

Меѓутоа, од движењето Vote Leave (Гласај за излегување) порачуваат дека Обединетото Кралство би било попросперитетно доколку е надвор од Европската унија.

„ЕУ е собир, бирократски, и не е свесен за ефектите коишто ги има врз платите на граѓаните и на нивните сé поголеми сметки за енергија“ вели извршниот директор на кампањата за излегување, Метју Елиот, кој го обвинува Џорџ Сорос дека со приклучувањето на кампањата за британското останување во ЕУ сака да си издејствува поголеми овластувања од функционерите во Брисел.

Во написот во The Guardian, Сорос вели дека излегувањето од ЕУ ќе предизвика пад на британската фунта за најмалку 15 отсто, а можно е за 20 отсто, и со тоа би дошла на ниво од под 1,15 долари во однос на сегашните околу 1,46 долари.

„Речиси сигурно е дека вредноста на фунтата стрмоглаво би паѓала. Тоа би имало директни и драматични последици на финансиските пазари, вложувањата, цените и работните места. Очекувам дека овој пад на вредноста на фунтата би бил поизразен и, исто така, поразорен од 15-процентниот пад во септември 1992 година, кога имав среќа да остварам значителна добивка за вложувачите во мојот хеџ фонд’, пишува Сорос.

„Британските гласачи многу сега ги потценуваат вистинските трошоци на Brexit-от. Премногу од нив веруваат дека изгласувањето на излегувањето на Британија од ЕУ нема да има последици по нивната лична позиција. Тоа е нереалистично размислување“, пишува натаму Сорос.

Тој истакнува дека излегувањето би ја ставило Британија во непријатна позиција поради неизвесната иднина за натамошен развој, бидејќи „извозниците нема да можат да ги користат поволностите коишто ги нуди поевтината фунта“. Сорос смета дека со гласањето за излез, фунтата ќе се спушти на нивото на еврото, а повеќето од жителите едноставно значително ќе осиромашат.

Предупредува воедно на стеснетиот простор за маневрирање на британската централна банка Bank of England (BoE) да реагира на рецесија или на пад на цените на домовите, имајќи предвид дека многу монетарни инструменти веќе се применети за Велика Британија да биде изведена од глобалниот финансиски крах од 2008 година.

Споредувајќи ги потенцијалните економски проблеми со кризите во британското минато, Сорос предупредува на можноста за уште посериозни последици. Шеесетте години инвестициско искуство го научиле дека единствени победници ќе бидат финансиските шпекуланти.

„Денес на пазарите се забележуваат шпекулативни сили кои се многу поголеми и помоќни. Тие горливо ќе сакаат да ја истражат најмалата погрешна калкулација на британската влада или на британските гласачи. Brexit-от некои вложувачи ќе ги направи многу богати, но повеќето гласачи значително ќе осиромашат“ “, заклучува Сорос.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП