19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПочина карикатуристот Дарко Марковиќ

Почина карикатуристот Дарко Марковиќ

dar mar 33

По тешко и долго боледување во четвртокот вечерта во Скопје, почина Дарко Марковиќ познатиот македонски карикатурист, сатиричар, филмски режисер, автор на популарниот стрип со ликот Пецко.

Дарко Марковиќ е роден во Скопје во 1940 година, неговото богато и уникатно творештво опфаќа ангажман како сценарист и сценограф, аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер. Во 1966 година дипломира архитектура, а во 1972 година специјализира анимиран филм во Загреб, под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ.

Професионалната кариера како карикатурист ја започнал 1960 година, работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и во поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 година работи како главен уредник на хумористично-сатиричното списание „Остен“ и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

Со филм активно се занимава од 1975 година, кога се вработува во „Вардар филм“ отворајќи го студиото за анимиран филм. Од 1978-та работи како слободен уметник, а во 1983 година е назначен за професор на Факултетот за уметност во Скопје по предметот Анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во тогашната Телевизија Скопје, денесе МРТВ. Од 1988 до 1995 година живее и работи во Лондон, по што се враќа во Македонија.

За своите карикатури и анимирани филмови, има добиено преку триесет награди и признанија, како во 1974 ТВФ, Порторож, награда за нов ТВ израз / „Шоу машина“ 1976 ФЈДКФ, Белград, Златен медал-Белград за режија на анимиран филм / „Граница“ 1976 ФЈДКФ, Белград, Златен медал-Белград за режија на анимиран филм / „Стоп“ 1976 МФФ, Оберхаузен, специјална диплома / „Стоп“ 1976 ФФ, Тузла, награда за режија / „Стоп“ 1976 ФЈДКФ, Белград, Кекец-за режија на анимиран филм од Советот за воспитување и заштита на децата / „Граница“ 1977 Награда 11 Октомври за сценарио, режија и анимација / „Каша“ 1977 МТВФ, Монтре, Сребрена роза / „Каша“ 1978 МФФ, Билбао, диплома / „Стрелби“ 1979 МФФ, Краков, Сребрен змеј / „Циркус“ 1979 МФФ, Оберхаузен, награда на градот Оберхаузен / „Последниот прозорец“ 1980 ФЈДКФ, Белград, Голем златен медал-Београд за режија на анимиран филм / „Рака“ 1980 МФФ, Оберхаузен, награда на католички филмски работници и ФИПРЕСЦИ / „Рака“ 1982 МТВФ, Монтре, Бронзена роза / „Фестивал“ 1982 Награда 13 Ноември / „Фестивал“ 1982 ФЈДКФ, Белград, специјална повелба за пионерска и креативна работа на полето на анимацијата 1983 ФЈДКФ, Белград, Голем златен медал-Београд за најдобар мини филм / „Фотеља“ 1997 МФФ, Драма (Грција), Златен медал „Златен Диоген“ за анимиран филм / „Фасада“.

Негови познати анимации се Граница (1976), Стоп“ (1976), Три минути на светот на Мирослав Бартак (1976), Бело топче (1977), Циркус (1979) и други, како и Пет филма од рака, Стрелби, Буквар за писмени, Циркус, Последниот прозорец, Рака, Пецко – еден ден живот, Пецко – нафтен дериват, Пецко – дрвце, Пецко – големиот нос, Пецко – слика, Пливај понатамум, Блабатори, Напред – назад, Филм од хартија…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП