11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНамалени трошоци и цени, зголемени плати и пензии, а живеачката се потешка?!

Намалени трошоци и цени, зголемени плати и пензии, а живеачката се потешка?!

tro

Статистичарите пресметуваат намалување на трошоците на живот и зголемување на просечните плати. Синдикалците тврдат дека потрошувачката кошница се потешко се полни. Економистите сметаат дека за повисоки примања најпрвин мора да има пониска невработеност. На трпезата на просечниот Македонец леб се служи со секој оброк, а месо се користи само за вкус.

ДЗС: трошоците на живот намалени

Трошоците на живот се намалиле за 0.7%, а цените на мало за 1% за една година.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во мај 2016-та во однос на мај 2015-та поевтинување има кај трошоците за транспорт за 5.1%, за храна и безалкохолни пијалаци за 1.5%, за сметки и за комуналии за 0.9%, за останати стоки и услуги за 0.7%, за мебел и покуќнина за 0.1%. Во истиот период поскапување имало кај алкохолот и цигарите за 4.2%, трошоците за рекреација и култура за 3.5%, за комуникации за 1.9%, за здравје за 1.7%, за облека и обувки за 1.2%, за ресторани и хотели за 0.7%, за образование за 0.4%.

ССМ: синдикалната кошница зголемена

Анализите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), пак, покажуваат дека живеачката поскапела за една година. Најновите податоци за потрошувачката кошница што тие ја пресметуваат се од февруари 2016-та. Во однос на февруари 2015-та таа „натежнала“ за 164 денари односно од 32.161 денар се зголемила на 32.325 денари.

Најголем дел од овие пари, 13.428 денари или 41% одат за храна и пијалаци. За трошоци за домување биле потребни 10.464 денари или 32%, за хигиена 2.254 денари или 7%, за превоз 2.340 денари или 7%, за облека и обувки 2.086или 6.5%, за култура останувале 1.070 денари или 3.3%, а за здравство 683 денари или 2.2%.

Просечната плата покрива само 67.5% од синдикалната кошница

Според податоците на Државната статистика просечната нето плата во февруари годинава била 21.813 денари, таа покрива само 67.5% од синдикалната потрошувачка кошница.

Во февруари 2016-та во споредба со февруари 2015-та била поголема 3.4%. Во овој период најмногу пораснале платите во секторот градежништво (16.3%), административни и помошни услужни дејности (11.1%) и земјоделство, шумарство и рибарство 11.0%. Намалување на просечната плата имало кај секторите трговија (7.8%) и снабдување со електрична енергија (6.5%).

За да пораснат платите мора да се намали невработеноста

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

„Постојат две главни причини за ваквите состојби. Првата е невработеноста. Платите се последица на понудата и побарувачката на труд. Ако понудата е повисока од побарувачката, платите ќе растат. Кај нас, заради високата невработеност, понудата на труд е висока, што ги прави платите ниски… Платите се последица и на преговарачката моќ на работниците и работодавачите. Ако работниците имаат поголема преговарачка моќ од работодавачите, платите ќе бидат повисоки. Кај нас, заради немањето синдикално организирање и заради ниските работнички права, преговарачката моќ на работниците е ниска, што води до тоа и нивната плата да биде ниска“ вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Промени кон позитивно се можни смета универзитетскиот професор Зоран Ивановски, но според него за да пораснат платите мора да пораснат и инвестициите, пред се приватните, домашни.

„Се додека имаме висока невработеност не може да очекуваме дека ќе имаме и високи плати. Тоа е клучниот проблем на македонската економија. Дополнително е и што синдикатите се пасивни, но сведоци сме што се случува, политичката криза од една страна не делува охрабрувачки, но и состојбата со странските инвеститори од друга страна за што сме сведоци каков кадар регрутираат и колку го плаќаат“, вели Ивановски.

Просечната плата има континуиран раст, но Македонија останува речиси на дното во регионот.

Според анализата на агенцијата Анадолија на просторот на поранешна Југославија лани највисока просечна плата имала Словенија со 1.004 евра, Хрватска со 747 евра, Црна Гора со 482 евра, Босна со 422 евра, Македонија со 365 евра и Србија со 361 евро.

Македонска трпеза: леб со секој оброк, месо само за вкус – стапка на сиромаштија од 22.1%

Според публикацијата „Анкета за приходите и за условите за живеење во 2014-та“ што ја изготви ДЗС стапката на сиромаштија во 2012-та била 26.2%, во 2013-та 24.2%, а во 2014-та 22.1%; истата година 457.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија кој изнесувал годишен приход од 72.000 денари за самечки домаќинства и 151.000 денари за просечно четиричлено домаќинство.

Од друга страна според  најновата публикација на ДЗС „Потрошувачката за домаќинствата во 2015-та“ просечно еден човек на ден консумира по 199 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз.

Од зеленчукот најмногу се јаде компир, по 81 грам на ден, потоа грав по 16 грама, кромид и лук 27 грама, зелка 28 грама, домати 41 грам, пиперки 62 грама и краставици 18 грама.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по 44 грама на ден, потоа лубеници и дињи 31 грам, јаболка 30 грама, грозје 29 грама, кајсии и праски 12 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 33 грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко 19 грама, 18 свинско грама, свежа и замрзната риба 14 грама. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по 28 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 102 грама млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и 29 грама сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по 37 грама шеќер, 7.6 грама кафе и какао и 18 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.73 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Потрошувачката на цигари оди во нагорна линија. Според ДЗС Македонецот во просек во 2015-та пушел по 2.33 цигари на ден, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП