19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАИзложбата „Копии-фрески од колекцијата на Музејот на Македонија“ во македонскиот КИЦ во...

Изложбата „Копии-фрески од колекцијата на Музејот на Македонија“ во македонскиот КИЦ во Софија

freski 3553

Изложбата „Копии-фрески од колекцијата на Музејот на Македонија“ ќе биде отворена денеска во Културно-информативниот центар на Р. Македонија во Софија, Р. Бугарија.

Според зборовите на м-р Васко Шутаров, директор на Културно-информативниот центар, ова е најзначајниот проект во програмата на центарот во 2016 година.

Од Музејот на Македонија изразуваат задоволство заради успешната соработка, со надеж за понатамошна соработка и успешна реализација на други заеднички изложбени проекти.

Колекцијата која се состои од 240 копии е формирана во текот на годините како еден вид музејска документација на фрески од нашите цркви и манастири. Копирани се иконографски претстави од големо културно и историско значење, кои придонеле монументалното сликарство на Македонија да најде значајно место во антологијата на византиската уметност.

Во рамките на изложбата ќе бидат поставени 22 копии-фрески датирани од периодот на X до XIV век, како избор од цркви што претставуваат најзначајни остварувања на зрелата византиска архитектура во Република Македонија.

Посетителите ќе имаат можност да погледаат ликовно-иконографски претстави на композиции од Стариот и Новиот завет, литургиски сцени, ликови на христијански великодостојници и просветители, светци и сцени од нивните житија, како и ктиторски композиции. Уметниците кои ги создавале копиите на иконографските претстави во нивните оригинални димензии и колорит, во техника масло на платно, се Здравко Блажиќ, Љубодраг Маринковиќ – Пенкин, Ганчо Бошковски, Спасе Спировски, Никола Цонев и Владо Деловски. Благодарение на нивниот талент, ентузијазам и нивните вешти раце, сочувани се од заборавот некои  неповторливи претстави од византиското фреско-сликарство.

Автор на изложбата и текстот за каталогот е Марија Мурџева, кустос – советник во Одделот за уметност, а ко-автор на изложбата и автор на фотографиите е Орце Нинески, кустос во истиот оддел при Музејот на Македонија.

Изложбата ќе ја отворат директорот на Културно-информативниот центар, м-р Васко Шутаров и д-р Мирјана Нинчовска, директор на Музејот на Македонија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП