28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗапочнува изградбата на Трансјадранскиот гасовод од Солун

Започнува изградбата на Трансјадранскиот гасовод од Солун

gasovod-pocetok

Свечената церемонија со којашто ќе се одбележи почетокот на работите за изградбата на грчкиот дел од Трансјадранскиот гасовод (Trans Adriatic Pipeline – TAP) ќе се одржи во вторник во хотелот „The Met“ во Солун, а најавено е присуството на грчкиот премиер Алексис Ципрас, министерот а животна средина и енергија на Грција, Панос Скурлетис, како и министрите за енергија на Азербејџан и на Бугарија, Натиг Алиев односно Теменушка Петкова, потпретседателот на Европската комисија, Марош Шевчович, и специјалниот пратеник и координатор за меѓународни енергетски прашања на американскиот Стејт департмент, Амос Хокстејн.

Гасоводот TAP е последната фаза од Јужниот гасен коридор (SGC), наменет за транспорт на европските пазари на азербејџанскиот гас, кој ќе се произведува во рамките на втората етапа од развој на гасокондензатното наоѓалиште Шах Дениз од шкрилци во Каспиското Море, со потврден резерви од 1.200 милијарди кубни метри гас. Тој ќе се протега од турско-грчката граница преку Грција, Албанија, Јадранското Море до југот на Италија.

Договорот за изградба на TAP беше потпишан во Атина на 13-ти февруари 2013 година, од страна на Грција, Албанија и Италија, за гасоводот на кој ќе биде приклучена и Бугарија, а во март годинава Европската комисија го одобри договорот. „Овој проект ќе ја подобри сигурноста и диверзификацијата на енергетското снабдување на ЕУ, без да се нарушуваат правилата на конкуренција на внатрешниот пазар“, објави тогаш ЕК. Во документот, исто така, беше наведено дека во проектот ќе бидат инвестирани 5,6 милијарди евра во следните пет години, од кои 2,3 милијарди евра се однесуваат на неговиот дел во Грција.

Со завршувањето на TAP во 2020 година, азербејџанскиот природен гас директно ќе биде доставуван до европскиот пазар, и тоа ќе биде првпат Европа да го добива енергенсот од нов извор.

Вкупната должина на TAP ќе изнесува 870 километри, од кои 543 км во Грција, од градот Комотини во североисточниот дел на земјата, ќе ја пресече Албанија во должина од 205 км и по дното на Јадранското Море во должина од околу 110 км ќе дојде до југо на Италија, на чија територија ќе бидат изградени уште 5 км гасовод. По целата копнена траса цевките ќе бидат поставен на длабочина од 1,5 метри. Највисоката кота на рутата е во општината Потом во Албанија, на 1.800 метри надморска височина, а најголемата длабочина на морското дно ќе изнесува 810 метри.

Изградбата на копнената рута од TAP во Грција, Албанија и Италија, ќе започне подоцна во 2016 година и ќе заврши во рок од 3,5 години. Изградбата на морскиот дел е планирана за зимата 2017/2018 година. Во 2019-та ќе се вршат подготвителните работи за ставање на гасоводот во експлоатација, а почетокот на доставувањето на гасот преку TAP е планирано за 2020 година. Капацитетот на гасоводот ќе изнесува 10 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за зголемување до 20 милијарди кубни метри гас.

Акционери во TAP се британската енергетска компанија BP со 20 отсто од уделот, азербејџанската SOCAR (Државна нафтена компанија на Азербејџан) со 20 проценти, италијанската Snam, исто така, со 20 отсто удел, белгиската Fluxys со 19, шпанската Enagas со 16 и швајцарската AXPO со 5 отсто од уделот.

Во соседна Грција нафтоводот ќе минува на територијата на 13 региони, а со цел да се отстранат стравувањата на јавноста во врска со заштитата на животната средина, властите одржаа повеќе од 500 средби со локалните власти и тамошното население.

Со завршувањето на овој гасовод, Азербејџан кој од 2007 година со испораките во Турција започна со учество на регионалните пазари, ќе се појави во Италија, којашто има потреба од 70 милијарди кубни мери годишно, но преку TAP ќе може да добива само 8 милијарди кубни метри гас.

Јужниот гасен коридор, инаку, треба да се протега речиси на 3.500 километри од Баку до јужна Италија. Во иднина, Европската унија се надева дека преку истата магистрала на испораки и на туркменски и ирачки гас. За тоа е неопходна изградба на дополнителна инфраструктура, особено на Транскаспискиот гасовод по дното на морето од источниот до западниот брег, за што лобира ЕУ.

Преку овој гасовод се планираат извоз на 16 милијарди кубни метри природен гас годишно, од кои 6 милијарди во Турција и 10 милијарди гас во Европа. Вкупните потврдени резерви природен гас на Азербејџан изнесуваат 2.600 милијарди кубни метри.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП