19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманските медиуми објавија тајни документи од договорот за TTIP

Германските медиуми објавија тајни документи од договорот за TTIP

 

ccc

САД вршат многу посериозен притисок врз Европската унија во рамките на преговорите за планираниот Трансатлантскиот трговски договор и инвестициско партнерство (Transatlantic Trade and Investment Partnership – TTIP) отколку што досега се мислеше, пишува германскиот весник Süddeutsche Zeitung повикувајќи се на доверливи документи од преговорите доставени од меѓународната еколошка организација Greenpeace.

Особено, како што се истакнува во написот, Вашингтон се заканува дека ќе го намали увозот на автомобили од земјите од Европската унија, доколку Брисел не прифати да увезува повеќе американски земјоделски производи.

Покрај тоа, САД искажале незадоволство и од политиката на Европскиот центар на потрошувачите, кој истапува против ширењето во Европа на генетски модифицираната храна и месото со хормони. Вашингтон бара забраната за таквите или други видови прехранбени продукти да важи само доколку нивната штетност е само научно докажана.

До објавувањето на овие документи двете страни во отворените разговори соопштуваа дека САД ја почитуваат загриженоста на Европејците, но по ова сликата за текот на преговорите и нивната суштина е сосема поинаква, пишува Süddeutsche Zeitung. ЕУ ги забранува таквите производи, дури и со најмал ризик, додека САД, само доколку има настрадани од нивната употреба, прецизира германскиот весник.

„Внимателното проучување на документите открива дека речиси сите стравувања во врска со американските намери во рамките на TTIP во однос на пазарот на прехранбени продукти, се покажуваат како оправдани“, коментира Клаус Шулц, претседател на Федерацијата на организациите на потрошувачите во Германија.

Документите, исто така, фрлаат светлина и на различните позиции на земјите во врска со правната соработка и законската регулатива. САД сакаат строго ограничување на влијанието на европското законодавството во врска со донесените економски одлуки.

Невладините организации и синдикатите во ЕУ, договорот го критикуваат веќе со месеци, предупредувајќи дека ќе доведе до намалување на европските стандарди и ќе им овозможи на големите компании да ги оспоруваат националните закони на европските земји пред арбитражните судови.

Од аспект на експертите, тоа може да предизвика сериозни штети рз еколошката состојба во Европската унија. Притоа Süddeutsche Zeitung го дава следниот пример: во ЕУ при производство на козметички препарати забрането е користење на 1.382 различни хемикалии, додека во САД само 11.

„Она, што јавноста може да го дознае од овие тајни преговори, до пред извесно време се чинеше кошмар. Сега знаеме дека тоа наскоро може да биде реалноста“, коментира Јирген Книрш, трговски експерт на Greenpeace.

Во написот на Süddeutsche Zeitung се истакнува дека благодарение на овие документи јавноста првпат по три години може да дознае како течеле преговорите за трговскиот договор меѓу САД и ЕУ, и оти досега речиси сите информации беа на работ од шпекулациите.

Од јули 2013 година зад затворени врати ЕУ преговара за TTIP, а во 2015 година требаше да биде разработен а потоа за половина година да биде одобрен од Европскиот парламент и националните парламенти на земјите потписнички на овој договор. Неговата цел е создавање на најголемата зона на слободна трговија во светот, со пазар од околу 820 милиони потрошувачи. Покрај САД и земјите од ЕУ, во договорот се вклучени и Канада, Мексико, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка и Исланд, како и земји кандидати за членство во Европската унија.

Меѓутоа, покрај негодувањата во земјите од ЕУ искажани со големи протесни собири низ европските престолнини, скептицизмот расте и во САД. Така само 17 отсто Германци и 15 отсто Американци сметаат дека TTIP е „нешто добро“, наспроти повеќе до 50 проценти во 2014 година, според испитувањето на јавното мнение на фондацијата Bertelsmann, кое беше објавено пред десетина дена непосредно пред посетата на американскиот претседател Барак Обама на Хановер, каде што со челниците на главните членки на ЕУ ги промовираше споменатиот договор./

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП