Задолженоста на земјите и натаму расте насекаде во светот, во прв ред во богатите земји, каде се приближува до нивото на која била по Втората светска војна, предупреди во средата Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
„Сегашниот јавен долг во просек го надминува нивото коешто го достигна во времето на Големата економска депресија (во 1930-те) и се приближува на нивото на кое беше по Втората светска војна“, се истакнува во полугодишниот извештај на ММФ за задолженоста.
Задолженоста на земјите извознички на нафта, кои силно се погодени од падот на цените на сировата нафта, нагло се зголемува за да се надомести загубата од приходите, се истакнува во извештајот објавен по повод пролетното заседание на ММФ и Светската банка во Вашингтон. Според нивните процени, задолженоста на произведувачите на нафта во Магреб и на Блискиот исток би требало во следните пет години да скокнат за 2.000 милијарди долари.
„Јавните финансии имаа тешка година. Се создава нова стварност. Ризиците растат речиси насекаде“, заклучува Виктор Гаспар, водечкиот автор на извештајот кој предупредува на последиците од забавувањето на растот на светската економија.
Така, јавниот дол во Јапонија оваа година би требало да достигне речиси 250 отсто од бруто домашниот производ (БДП), 133 отсто во Италија, 107 проценти во САД и малку повеќе од 98 отсто во Франција, предвидуваат во ММФ. Забележливо е што во извештајот нема никакви процени за Грција којашто веќе шеста година е во тешка економска криза, којашто влијае и врз еврозоната.
ММФ повторно ги повикува земјите членки да бидат подготвени за „брза реакција“ за да го поткрепат економскиот раст и да ги „намалат ранливостите“, кои ги поттикнува нивната задолженост, признавајќи дека сепак нивниот политички простор за маневрирање е тесен.
„Изборниот календар и политичките блокади можат во 2016 година да ја отежнат примената на мерки и да ги забават амбициозните политики во некои големи економија, заклучуваат во ММФ.