Цените на нафтата повторно во петокот се приближија на нивото од 41 долар за барел, поткрепени од надежите за замрзнување на нивото на производството и охрабрувачките показатели од САД и од Германија кои влеваат надеж во подобрување на побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот сирова нафта порасна за 1,30 долари во однос на затворањето на тргувањето во четвртокот, и изнесуваше 40,73 долари. На американскиот пазар, пак, порасна за 1,33 долари, на 38,59 долари за барел.
Организацијата на земјите извознички на нафта OPEC објави дека цената на барелот референтна кошничка нејзина нафта во четвртокот изнесувала 34,71 долар, што значи дека пораснала за 78 центи во однос на претходниот трговски ден.
Руското производство на нафтата, кое е на највисокото ниво во последните три децении, би можело да се намали во април, изјавија неименувани извори во Москва, а министерството за енергетика изрази надежи дека големите производители на претстојниот состанок во Доха на 17-ти април би можеле да постигнат договор за замрзнувањето на нивото на производство.
Дополнителна поддршка на пазарите им дава податокот за намалувањето на резервите на сирова нафта и падот на бројот на активни наоѓалишта во САД. Според извештајот на американската влада, резервите во американскиот инфраструктурен јазол Кушинг намалени се за повеќе од 480.000 барели поради затворањето на нафтоводот Кејстон.
„Во САД паднаа резервите и се намали бројот активни наоѓалишта. Во Нигерија се чести прекините во снабдувањето…, а доколку се спомене и Доха, сé укажува на приближување на понудата и побарувачката“, толкува за Reuters Бјарне Шиледроп од норвешки SEB.
Дополнително расположението го поткрепија вестите кои влеваат оптимизам во контекстот на побарувачката. Така, американската централна банка оцени дека активностите во најголемата светска економија би требало да продолжат да растат во претстојниот период, а агенцијата за кредитни рејтинзи „Moody’s“ одвоено прогнозираше дека германскиот економски раст би требало благо да забрза, на 1,8 отсто.