21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖивинарството пред криза: намалено производство, зголемен увоз

Живинарството пред криза: намалено производство, зголемен увоз

chickens

Живинарството во надолна линија – намалено производство на месо и јајца, намален фонд на пилиња и кокошки, а зголемен увоз.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) вкупниот број на живина се намалил за 9.2% во 2015-та во однос на 2014-та. Кај компаниите има намалување од дури 29.8%, а кај индивидуалните производители зголемување од 0.7%.

На крајот од минатата година во земјава имало вкупно 1.761.145 единици живина, од кои 456.487 во сопственост на деловни субјекти, а 1.304.658 на индивидуални земјоделци.

Намалениот живински фонд резултира и со намалено производство на месо и јајца. Во 2015-та вкупниот број на произведени јајца бил 203 милиони и 383 илјади што е помалку за 8.1% во однос на 2014-та. Во истиот период биле произведени 1.729 тони пилешко месо што е помалку за 14%.

Домашните производители се жалат на нелојална конкуренција

Домашните компании се жалат на нелојална конкуренција од соседните земји. Тврдат дека се увезуваат небезбедни јајца од Србија по дампинг цени.

„Во 2013 и 2014 година бројот на несилки се намали како резултат на затворање на европските пазари, а домашното јајце е со најниска цена во регионот, 5-7 денари. Во моментов имаме стопанска гранка во која можност за извоз нема, а од друга страна постојат законски услови за непречен увоз“, изјавија неодамна од Групацијата за живинарство при Стопанската комора.

Сепак, засега производството на јајца се уште во најголем дел ги задоволува потребите на домашниот пазар. Состојбата е поалармантна кај производството на пилешко месо. Според податоците на Стопанската комора само 5 до 15% од пазарот се покриени со домашно производство. Големите капацитети се затворија и сега целиот сектор се сведува само на неколку помали живинарски фарми.

„Везе Шари“ има месечно производство на 3 милиони јајца

Сепак, и сега има позитивни примери, но само во делот на производство на јајца, а не и на месо. Меѓу поголемите играчи на пазарот е тетовски „Везе Шари“ кој располага со 120 илјади кокошки несилки и 60 илјади пилиња. Работат со максимален капацитет и производство на над 3 милиони јајца месечно, а веќе извезуваат и директно за силите на НАТО.

„Преку тетовската компанија ‘Еколог’ која е присутна речиси низ целиот свет и која ги снабдува силите на НАТО со прехранбени производи направивме соработка, нашето јајце ги исполни условите на Алијансите. Првите пратки веќе се испратени во базите на НАТО во Косово и во Авганистан. Имаме намера да ги зголемиме капацитетите за да излеземе на потребите на овој голем пазар. Имавме намера бројката на вработени до крајот на 2015-та да достигне 100, но преку владините мерки го зголемивме бројот и сега имаме 108 вработени. Задоволни сме од бизнис климата и ќе продолжиме со инвестициите“, изјави неодамна Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе шари”.

Државата најавува зголемена поддршка годинава

Државата веќе најави дека од годинава ќе биде зголемена поддршката за живинарската индустрија. Се планира од Буџетот да бидат одвоени околу 3 милиони евра за фабрика за производство на јајца во прав и за конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе се гради и кланица.

Со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО, се спроведува Проект за развој на живинарството.

„Главната цел е во наредните пет години да се намали увозот на пилешко месо и да се зголеми домашното производството на живинско месо од 500 тони кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот на 30 отсто од потребите. Увозот на живинско месо не чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбени производи“, рече при промоцијата на Проектот министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

Словенија – успешен пример кој треба да се следи

За разлика од Македонија, Словенија е далеку поуспешна во секторот живинарство. Земјата која има приближно иста територија и население е најголем извозник на пилешко месо и преработки во регионот.

„Перутнина – Птуј“ е најголемиот преработувач на пилешко месо во Словенија, но и во цела Југо источна Европа. Годишниот обем на производство надминува 80 милиони килограми од кои 10% се продаваат како цели пилиња а 90% како преработки – стекови, копани, крилца, но и салами, паштети и виршли.

„Перутнина“ има 3.700 вработени, годишниот приход за 2015-та е проектиран на 270 милиони евра, има фирми за продажба во 7 држави, меѓу кои и во Македонија, како и фирми за производство во четири држави – во Словенија, во Хрватска, во Босна и во Србија.

Засега не размислуваат за отворање на производствен капацитет во Македонија. Велат пазарот е премал, а инвестицијата преголема. За опремување на една фарма биле 400 илјади евра, погонот за храна за живина чини околу 25 милиони, а опремувањето на кланица 28 милиони евра.

„Македонија има голем потенцијал, но за производство на овошје и зеленчук, но за производство на живина условите се исти и во Србија и во Словенија. Стандардите се строги, а вашиот пазар е релативно мал за толку голема инвестиција. Со постоечките погони веќе го имаме покриено целиот регион од Австрија до Турција“, вели д-р Роман Гласер, генерален директор на „Перутнина – Птуј“.

„Перутнина“ годишно преработува 80 милиони килограми пилешко, од нив само 3 милиони и 800 илјади завршуваат во Македонија, 2 милиони и 400 илјади како месо а еден милион и 400 илјади како преработки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП