4 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПредавање за древната кинеска вештина Сечење на хартија

Предавање за древната кинеска вештина Сечење на хартија

kineska-mineska

Предавање за древната кинеска уметност „Сечење на хартија“ и демонстрација на основните техники ќе се одржи во вторник, во 12 часот во Центарот за конференции и студии на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.

Осврт за историјата и значењето на оваа древна уметност ќе има Елена Дамјаноска, додека Џанг Минџије ќе ги демонстрира основните техники на оваа уметничка форма.

Ова предавање е прво во серијата на предавања за кинеската култура кои Институтот „Конфуциј“ ќе ги организира во текот на оваа година.
„Сечење на хартија“ е древна кинеска уметност која се создава со користењето на ножици или гравер за изработка или „цртање“ на слики на најчесто црвена хартија.

Оваа уметност потекнува од древните времиња кога жените изработувале украси од хартија, од златни и сребрени листови и од свила. Истите ги користеле како украси за коса, ги подарувале или пак со нив го украсувале домот. Најраните сочувани примероци на „сечена хартија“ датираат од 5-от век.

Низ вековите употребата на „сечената хартија“ се развила и почнала да се користи за украсување на храмовите и домовите за време на празниците, како на пример кинеска Нова година, Средината на есента, итн. До 17 век, „сечењето хартија“ се сметала за уметничка форма на изразување на обичниот народ, но од средината на овој век прераснува од фолклорна уметност во официјална уметност која се користи за украсување на палатите и одорите на кинеските цареви.

Кинеската „сечена хартија“ се дели на два стила, северен, кој е едноставен и нерафиниран, и јужен, кој е префинет и разигран. Меѓутоа, секој поголем регион во Кина има развиено свој карактеристичен подстил.

„Сечењето хартија“ со својата долга историја и елегантна техника игра важна улога во модерното чествување на традиционалните кинески цивилизациски вредности и служи како инспирација на голем број современи кинески уметници.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП