10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТекстилна индустрија – речиси никој не сака да седне зад машините за...

Текстилна индустрија – речиси никој не сака да седне зад машините за шиење

teks

Младите бегаат од машините за шиење, странските инвеститори ги „крадат“ обучените работници од домашните компании, платите растат; но сето ова има граница – доколку не се осовремени и автоматизира производството македонскиот текстилен сектор ќе ја изгуби трката со соседството и нарачките од странските партнери ќе заминат во нови, поевтини и поконкурентни држави.

Младите бегаат од машините за шиење

Младите бегаат од машините за шиење, а странските инвеститори ги преземаат обучените вработени од домашните компании. Оваа ситуација е најизразена токму во текстилниот сектор. Менаџерите велат дека во слободните зони има поволности и субвенции кои ги намалуваат трошоците па затоа таму се нуделе малку повисоки плати со што се префрлале веќе обучените кадри.

„Има примери обучен работник на кој му се плаќаат придонесите, од домашна фирма, да замине да работи во некоја компанија во економска зона, каде што за неговата плата не се плаќаат даноци и придонеси. Со тоа, во суштина, ниту се намалува бројот на невработени од листите на Агенцијата за вработување, ниту им се помага на фондовите. Иако беа најавени како фабрики со вградена висока технологија, 90% од оние кои работат во зоните се трудово интензивни. Домашните компании плаќаат придонеси, го обучуваат кадарот и потоа остануваат без него, а странските не плаќаат придонеси, ама затоа пак можат да понудат за 1.500 денари повисоки плати со што ги привлекуваат работниците. За да се надмине ваквата состојба бараме Владата да го услови ослободувањето од придонеси за странските компании со вработување на лица од списокот на Агенцијата за вработување“, вели Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилната индустрија при Стопанската комора на Македонија (СКМ).

Сепак, проблем со кадарот имаат и странските компании. Големата инвестиција на Веибо груп која требаше да го раздвижи целиот сектор подзаглави, а објаснувањето за доцнењето со реализација на проектот беше токму недостатокот на квалификуван кадар.

„Ние постојано бараме нов кадар, постојано имаме објавено огласи за вработување и за шивачи и за поквалификувани технолози и инженери за текстил, но речиси никогаш немаме доволно пријавени луѓе“, објаснува сопственик на фабрика за текстил од Куманово.

На овој проблем подолго време укажува и Кластерот за текстил. Бараат стимулации за младите да и се вратат на оваа индустрија.

„Текстилните фабрики навистина имаат проблем, особено со она што значи шивачки, моделари, односно со она што значи директна работна сила. Состојбата не е сјајна ниту со високо стручниот кадар, но не е толку алармантна како со работниците во директното производство“, вели сопственичка на конфекција од Скопје.

Според податоците на Стопанската Комора просечната плата во секторот достигнала 14.100 денари, пред се поради конкуренцијата од странските инвеститори, но оттаму велат дека погоре од ова речиси и не може да се оди бидејќи токму примањата на работниците биле главна расходна стапка во производствениот процес, а натамошното зголемување на трошоците би можело да поттикне префрлање на нарачките во други поконкурентни и поевтини држави.

Освен проблемот со наоѓањето квалификуван кадар текстилците мака мачат и со осовременување на производствените капацитети. Бараат државата да ги помогне при набавката на нова автоматизирана опрема, но и ослободување од ДДВ за трговските фирми кои извезуваат текстил и облека.

„За да бидеме конкурентни во однос на соседството, мора да добиеме поддршка од државата – поволни кредитни линии, субвенции, обезбедувања за користење на гарантни фондови… Тоа ќе овозможи да се направат вложувања во автоматизација на производните процеси, а со тоа подобрување на квалитетот и обезбедување на поголема продуктивност од страна на текстилните компании. Доколку компаниите сакаат да останат продуктивни, покрај порастот на платите, треба да вложуваат и во посовремени машини. Притоа, со ист број работници ќе се остварува поголемо производство и тие ќе бидат конкурентни на странските пазари“, објаснува Димитров.

Како да се создаде сопствен бренд?

Како да се создаде сопствен бренд? Македонските текстилци се уште не можат да дадат одговор на ова прашање. Велат дека за да имаме успешна марка треба да се исполнат многу услови – да се работи на самите производи, да се влијае на навиките на купувачите, да се направи маркетинг стратегија. Домашните компании се мали и разединети и немаат капацитет за сево ова, барем засега. Сепак, менаџерите се оптимисти.

„Во иднина секторот дополнително ќе се развива, мора да се работи на зголемување на сопственото производство преку сопствени брендови за што е потребна и поддршка, не само финансиска. Сето тоа во моментов е во зачеток, но јас верувам во иднината на оваа гранка“, вели сопственик на конфекција од Штип.

Единствени брендови се уникатите од модните дизајнери

Во Македонија сепак има текстилни односно модни брендови, но тоа се сведува на креациите на дизајнерите кои стануваат се попопуларни и побарани, но се уште нема продажба на цели модни линии.

Оние што подолго време се во овој бизнис, со оптимизам гледаат на развојот на модната индустрија. Освен домашниот пазар, македонските модни брендови, полека , но сигурно ги освојуваат и странските пазари, особено регионалните.

„Без оглед на финансиската ситуација во која што се наоѓаме од година во година луѓето имаат поголема потреба и желба да купуваат дизајнерски парчиња. Ние сме мал пазар и многу често се случува исти фустани да се купат па да се упропасти некоја веселба. Секоја дама сака да изгледа уникатно и ексклузивно во дадената вечер. Тоа го овозможува креацијата на дизајнерот, особено на онаа така наречена трета генерација дизајнери кои имаат меѓу 20 и 25 години кои веќе успешно го пробиваат својот бренд и се докажуваат како дизајнерски имиња“, изјави неодамна Ненад Секрираски, моден дизајнер.

„Во Македонија дури сега почнува да се создава навика за купување на македонски производи во однос на дизајнот. Сега се поставуваат темелите кои веројатно во иднина ќе донесат резултати. Македонките се малку специфични жени, веќе имам кажано – оној момент кога ќе успеам да ја освојам Македонија ќе бидам подготвена веројатно да го освојам целиот свет. На многу мало поднебје и мала количина на народ ние имаме експанзија и разновидност на вкусови и стилови. Тоа е добро и за секој производ има купувач“, изјави неодамна Ивана Кнез, моден дизајнер.

Текстилната индустрија ангажира 46.000 луѓе

И покрај сите предизвици текстилната индустрија во Македонија игра голема улога во формирањето на Бруто домашниот производ (БДП), во апсорбирањето на работната сила, како и во делот на извозот.

Над 15% од македонскиот извоз го сочинуваат текстилните производи, во најголем дел како лон односно како работа за странски партнери под нивни брендови и со нивни репроматеријали. Лани на странските пазари биле пласирани текстилни производи вредни 596 милиони долари од нив речиси 95% како лон производство.

„Извозот од оваа гранка учествува со 13,3% во вкупниот извоз на земјава, а земјите како Германија, Холандија, Италија се јавуваат како најголеми партнери на нашите македонски текстилни компании“, вели Сашо Деспотовски од Стопанската комора на Македонија.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) во 2015-та производството на текстил имало раст од 14.8%, а производството на облека од 6.7%.

Во истиот период бројот на вработени во секторот производство на текстил пораснал за 17%, во секторот производство на облека се намалил за 1.5%, а во секторот производство на кожа за 4.5%.

Текстилната индустрија ангажира околу 38.000 луѓе, кожарската околу 5.000. Оттука речиси 7.5% од сите вработени се дел од овие гранки.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП