20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААНАЛИЗА: занаетчиство – модерното го истиснува традиционалното

АНАЛИЗА: занаетчиство – модерното го истиснува традиционалното

zanat

Кујунџија, ковач, златар, но и автоелектричар, фризер, молер – старите наспроти новите занаети. Индуистријализацијата ја уништува традицијата но остава простор и за нови професии. Чаршиите заживуваат, но главно поради угостителството, државата нуди субвенции, а старите мајстори се борат да најдат наследници но и да се справат со нелојалната конкуренција. Каде оди македонското занаетчиство?

Угостители и трговци наместо занаетчии и мајстори – се менува сликата во чаршиите

Се повеќе кафулиња, ресторани и продавници, се помалку занаетчиски работилници. Содржините на македонските чаршии се драстично променети во последните неколку децении.

Останаа по уште неколку стари мајстори кои се борат со новото време и се обидуваат да ја зачуваат традицијата и наследството. Велат дека сега најмногу работат за странските туристи кои нивните мајсторски изработки ги купуваат како сувенири, а не затоа што навистина имаат потреба за нив.

„Македонците наместо уникатно и природно крзно сега купуваат само конфекциско и синтетичко. Порано сакаше секоја госпоѓа, секој господин да има капа или наметка, да биде облечен во крзно“, вели сопственикот на крзнарската работилница „Марија“ која се наоѓа во скопската стара чаршија.

На оние кои работат со злато, сребро, филигран им оди подобро. Тоа не излегува од мода и не губи на вредност. Но, и овие мајстори се прилагодуваат на модерните трендови. Љупчо Михајлов во својот накит вградува кристали Сваровски. Вели, тоа го бараат муштериите.

„Во склоп на модерното време правиме судир на старото и новото, а токму тоа се Сваровски кристалите“, вели Михајлов.

И охридската чаршија живее најмногу од странците. Мајсторите таму велат дека имаат доволно работа, но само на лето. Во другиот дел од годината се случувало и по цел ден да не им влезе муштерија во дуќанот.

Анастас Дудан има работилница за изработка на уметнички предмети од метал. Го прави на стар, традиционален начин, а вградува мотиви од македонското културно наследство.

„Кога ќе видат наша маска македонска од нашиве краишта таа е многу интересна за нив и на нивно задоволство ја купуваат. Некој ако е навистина вљубеник, ако знае да го процени експонатот, дека има историја дека има традиција, дека потекнува од еден древен град, дека е изработено рачно со благороден материјал го купува. Има и такви со поплиток џеб, па само гледаат, ја хранат душата“, објаснува Дудан.

Најпрепознатлив белег на оваа чаршија секако е охридскиот бисер. Вештините за неговата изработка остануваат тајна семејна традиција која грижливо се чува и наследува од генерација на генерација. Михајло Филев, најмладиот продолжувач на занаетот за изработка на овој прекрасен и уникатен накит вели дека неговиот дедо го добил рецептот од некој руски емигрант во 1928 година.

„Уште како дете, низ детската игра перлите и сите тие бисерни накити низ дуќанот поминуваа низ моите раце како играчка, но некако кога ќе влезев во работилницата сфаќав дека нешто повеќе, посериозно се прави со тие перли и моите почетоци беа на најосновните работи како нижење на перлите, поставување за понатамошните процеси. Тоа е еден патентиран рецепт кој никаде не е запишан, се мора усно се мора практично да се прати да се учи низ целиот живот“ вели Михајло Филев, „Охридски бисер Филеви“.

Иако државата го заштити охридскиот бисер, двете семејства Талеви и Филеви кои се и единствени кои ја знаат тајната за негово производство формираа заедничко здружение со иста цел – да се борат во заштитата на оригиналниот бисер, да се искоренат трговците кои продаваат лажни бисери.

Во Охрид опстојува и работилница за традиционална изработка на хартија. Љупчо Панески е единствениот ваков мајстор на Балканот, а ширум Европа ги има едвај дваесетина. Старата Гутенбергова преса што ја има во работилницата е копија на оригиналната која се наоѓа во музејот во Мајнц, Германија. Овој редок историски артефакт, го има само овде и на Блед во Словенија и никаде на друго место во Европа. Неговата скромна работилница функционира веќе десеттина години.

„Во производството на хартија се користи поцврст вид на дрво – смрека, даб, дудинка, орев, цреша. Честичките од дрво од цреша најдолго стојат во вода, 31 ден, од нив се добива најквалитетната хартија. Откако ќе помине потребниот период за создавање осило, во водата се потопува правоаголно сито на кое при исцедувања на водата се создава структурата на листот. Потоа, рамката се остава на подлога од памук и лен и се чека листот да се исуши, кој потоа сам се одвојува од подлогата. За потполно истиснување на водата, хартијата потоа се става под преса. Листот се суши минимум два дена, а му требаат 12-15 часа под преса за да се исправи“ објаснува Панески.

За жал вакви примери, мајстори кои самите влегле во некој занает и кои се обидуваат да ја продолжат традицијата има многу малку. Најчесто луѓето се одлучуваат за поедноставна и попрофитабилна варијанта – отвораат трговски или угостителски објекти кои стануваат доминантни во чаршиите.

Новите занаети ги истиснуваат старите – механичари наместо кујунџии

Занаетчиството опстојува, но во нови форми. Фризерите ги истиснаа берберите. Ковачите речиси исчезнаа, но на автомеханичарите и на сервисерите на бела техника им оди добро. Се појавија и монтажери на клима уреди, на соларни панели.

Ваквите релативно нови занаети се и повеќе од профитабилни. Така велат оние кои се одлучиле за рачната работа. Дури имале и проблем да најдат чираци и квалификувани работници.

„Порано повеќе се бараше и повеќе сакаа младите да учат, сега се посветени да завршат средно, да се запишат на факултет“, вели Олгица Андрејиќ, сопственичка на фризерски салон.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, објаснува Горан Билчиќевски, сервисер на бела техника.

Нелојалната конкуренција – најголем проблем за занаетчиите

Освен наоѓањето наследници и работници, најголем проблем за занаетчиите е нелојалната конкуренција. Дивите мајстори им ги земаат муштериите, но и им го нарушуваат имиџот. Сепак, во Комората на занаетчии велат дека предизвиците полека се надминувале. Во последно време надлежните имале повеќе слух за нивните барања.

„На пазарите се продава се и сешто. Ако еден колега занаетчија е обврзан на фактури и фискални сметки, треба сите да бидат. Државата страшно губи од нелојалната конкуренција. Мораме да ги штитиме легалните инаку и тие ќе станат нелегални“, велат во Занаетчиската комора – Скопје.

Државна поддршка – обуки за стари занаети, мерки за самовработување

Државата директно ги помага занаетчиите преку посебни програми за субвенционирање, а настојува да го зголеми нивниот број и преку мерките за самовработување.

Обука за стари занаети е најновата мерка која обезбедува по 30.000 денари за занаетчиите од обучено лице, а за невработените кои ќе се пријават по 6.200 денари месечно за храна, превоз и осигурување за повреда при работа во период од шест месеци.
„Најуспешните или оние занаетчии кои ќе сакаат да се самовработат, оние кои ќе ги завршат успешно обуките ќе добијат сертификат за завршена обука. Оние кои ќе имаат идеја за вработување ќе бидат вклучени во програмата за самовработување, односно ќе им биде доделен грант од 200.000 денари за првите 20 обучени лица“, објаснува заменик – министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Огласот ќе биде отворен до крајот на април. Предвидена е обука за околу 50 невработени.
„Очекуваме најголем интерес да има за обуката за ковачи. Покрај за ковачи, обуките се однесуваат и за лимари, јорганџии и бочвари. Владата се интересира и за старите занаети кои ги нема и сака да ги врати во живот затоа што без занаетчиството нема да имаме ниту мали, ниту средни претпријатија“ вели претседателот на Занаетчиската комора, Никола Митрев.

Во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП