6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонското млеко и месо се безбедни за консумирање

Македонското млеко и месо се безбедни за консумирање

mleko meso 3535

Месото и млекото се безбедни, иако минатата година биле потрошени 3,5 тони антибиотици за лекување животни, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од фармите и од производните погони, како и од ресторани биле земени 1.200 примероци за испитување на присуството на антибиотици, но сите покажале дека во месото, во млекото и во храната немало остатоци од лекови и биле безбедни за употреба.

„Македонските закони дозволуваат присуство на антибиотици во сооднос од 0,1 до 0,15 килограми на еден тон месо. Со овој норматив Македонија се приближува до Норвешка која во Европа има најригорозни закони од оваа сфера. Холандија дозволува до 0,2 килограми антибиотици на тон, а во САД просекот е 0,4 килограми“, изјави Кате Стојановска, раководител на секторот за заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство, на денешниот настан на одбележувањето на Светскиот ден на правата на потрошувачите – 15 март.

Тој беше одржан под мотото „Антибиотиците надвор од менито“ од страна на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Министерството за економија, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за храна и ветеринарство, Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат.

Стојановска смета дека загрижува фактот што дел од овие антибиотици за животните, наместо за нивно лекување, се употребуваат и за зголемување на тежината на животните, а голем дел од нив како остаток завршуваат во исхраната на луѓето. Тоа може да предизвика зголемена отпорност на микроорганизмите кон антибиотиците и намален ефект врз лекувањето.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Поповски, рече дека од воведувањето на нормативот за употреба на антибиотици, во 2002 година, па се до лани, контролите утврдиле само 4-5 случаи на поголемо присуство на антибиотици во млеко.

Според него, во земјава се употребуваат безбедно месо и млеко, а кампањата што ја спроведува Организацијата на потрошувачите по повод Светскиот ден на правата на потрошувачите е само прилог во едукацијата на граѓаните за опасноста од злоупотреба на антибиотиците.

Претставниците на институциите денеска посочија дека голем број македонски граѓани лани реагирале поради квалитетот на одредени производи и услугите што им се нудат на пазарот и тоа најмногу на апаратите за бела техника, потоа на мобилните телефони, компјутерите, од услугите на некои кабелски оператори, на фиксната мобилна телефонија, интернет и комуналните услуги, како и на дистрибуција на електрична и на топлинска енергија.

Во Организацијата на потрошувачи, ОПМ, лани биле доставени над 2.700 поплаки на потрошувачи и веќе втора година по ред, според нивни податоци, најголем број од нив се однесуваат на проблеми при остварувањето на правата од гаранција на техничките производи, особено на мобилните телефони. До инспекциските служби, пак, имало 5.000 поплаки од граѓани, од кои најголем број биле за поминат рок и за прикриени ознаки за чувањето на храната во маркетите.

„За подобро детектирање на нутритивната вредност на прехранбените производи, ОПМ направи мобилна апликација со која ќе може да се утврдува која храна има поголемо количество масти, шеќер, сол и кои имаат штетно влијание врз здравјето на луѓето“, рече Маријана Лончар Велкова, претседателка на ОПМ. Таа додаде дека од 13 мај ќе почне да се применува Правилникот за означување со кој производителите ќе мора да стават точно регулирана нутритивна етикета на секој производ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП