Бизнис делегација од Сојуз на стопански комори на Македонија заедно со делегација на Комората на Северозападна Македонија учествува во тридневна економска мисија во Албанија чиј фокус е интензивирање на деловната соработка и воспоставување на нови бизнис релации помеѓу компаниите од двете држави.
Во рамки на економската мисија се остварија состаноци со премиерот на Албанија, Еди Рама како и состаноци со повеќе министри од Владата на Албанија како што се министерот за транспорт и инфраструктура, министерот за економски развој, туризам, трговија и претприемништво, за финансии, за земјоделство, рурален развој и водостопанство, за енергија и индустрија и министерот за иновации и јавна администрација. Дополнително во рамки на посетата ќе се остварат средби и со претседателите на Стопанската комора на Тирана и Сојузот на стопански комори и индустрија на Албанија, градоначалниците на Тирана и Драч, директорот на пристаништето во Драч како и претседателот на Стопанската комора во Драч.
За последниот дел од економската мисија е предвидено одржување на голем бизнис и инвестициски форум во Тирана во соработка со Сојуз на стопански комори и индустрија на Албанија и Стопанската комора на Тирана на кој ќе учествуваат компании од Македонија и Албанија, министерот за економија на Албанија, амбасадорот на Македонија во Албанија како и албанскиот амбасадор во Македонија.
Целта за организирањето на економската Мисија во Албанија е креирање на конкретни можности за зголемување на деловната соработка и директно соочување со одредени проблематики кои влијаат на условите за водење бизнис помеѓу двете држави. Македонија и Албанија се земји со средно висок доход кои поминаа долг процес на транзиција кон пазарно стопанство и спроведоа голем број реформи насочени кон подобрување на деловното окружување и привлекување на странски инвеститори со цел да се зголеми економскиот раст. Двете држави се членки на Светската трговска организација (СТО) и потписнички на Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) 2006.
Македонија и Албанија немаат голем обем на трговска размена. Италија се уште останува најважниот трговски партнер за Албанија. За Македонија, ЕУ е се уште најголемиот трговски партнер при увозот и извозот, а Германија е најважниот партнер.
Главните ограничувања што ја попречуваат деловната соработка помеѓу Македонија и Албанија се тоа што има малку информации и анализи достапни за бизнисите на двете страни околу можностите за трговија и инвестиции во другата земја, поголем дел од производите и индустриите во Македонија и Албанија не се комплементарни туку меѓусебно конкурентни, македонските производи не се многу ценовно конкурентни на албанскиот пазар поради високите транспортни трошоци вградени во цената.
Сојуз на стопански комори има потпишано Меморандум за соработка со Индустриската Стопанска комора од Драч со кој се охрабруваат и подржуваат иницијативите за унапредување на соработката, промоцијата и развојот на компаниите од двете земји.
Дополнително, Сојузот на стопански комори во соработка со Институтот за современи истражувања од Албанија, го реализираше проектот финансиран од ИПА програмите на ЕУ за прекугранична соработка со наслов “Подобрување на бизнис соработката во прекуграничниот регион” во период од 2013 до 2015 година, преку кој беа подготвени и доставени до соодветните институции предлог политики за подобрување и зајакнување на соработката во поглед на размената на информации за економските и трговските активности во двете земји, зајакнување на заедничка туристичка промоција, зајакнување на активностите за промоција на извозот на македонските производи на албанскиот пазар, зајакнување на контролата на квалитетот и лабораториски испитувања, поддршка за подобрување на размената на информации меѓу националните статистички организации, како и поддршка на иновации на малите и средни претпријатија во Македонија и Албанија.