26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНафтата на историски минимум – бензините и производите со зацементирани цени

Нафтата на историски минимум – бензините и производите со зацементирани цени

Oil Barrels with Red Arrow isolated on white background. 3D render

Нафтата на историски минимум, но цените во Македонија како да се зацементирани.

За една година на светските берзи вредноста на барелот се преполови – од 65 на 28 долари. Во меѓувреме бензините во земјава имаа минимална корекција за 3 до 4 денари, а дизелот позначајна за 9 до 10. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ова го правда со зајакнувањето на доларот во однос на еврото бидејќи на глобалниот пазар се тргува со американската, а не со европската валута.

Сепак, намалување од 3 односно 9 денари на горивата немаше речиси никакво влијание на цените на крајните производи и услуги. Единствено храната имаше блага надолна корекција, но превозот кој требаше и најмногу да поевтини остана со исти тарифници.

Транспортот засега нема да поевтини – се надоместувале загубите

Транспортерите се правдаат – со години работеле на границата на рентабилноста, па сега надоместувале за загубите што ги правеле во претходниот период.

„Во секој случај е позитивно за транспортерите затоа што намалувањето на цените на горивата не е само во Македонија туку и во цела Европа. Сепак, во 2008 – 2009 кога имавме енормно високи вредности на нафтата транспортот остана со ниски цени, па сега некако се враќаме само во нормала. Се почесто се заговара намалување на цената на нашите услуги од страна на нашите корисници, но тие не земаат предвид дека освен нафтата ние имаме и други трошоци“ тврди Биљана Муратовска од Здружението на транспортери „Макамтранс“.

Камионџиите оставаат простор за намалување на цените, но не поради нафтата туку поради конкуренцијата. Објаснуваат дека тарифата се утврдува од случај до случај освен ако нема годишни договори и таа зависи пред се од понудата и побарувачката.

„Руската Федерација воведе ембарго кон Турција, а Турција има застој во превозот и кон Сирија, Ирак и Иран; па 22.000 превозници од оваа земја се повеќе се насочуваат кон Европската Унија и кон нашиот регион што драстично ни ја зголемува конкуренцијата. Ние сме мала земја, со мал возен парк сочинет од микро, мали и средни претпријатија кои не можат да преземат големи обврски“ вели Муратовска.

Нема нови цени ни за градскиот автобуски превоз

Нема да поевтини ни градскиот автобуски превоз. Оправдувањето е исто – цената на билетот од 25 денари била формирана кога дизелот бил 52 – 53 денари по литар, кога достигнала 77 – 78 таа останала непроменета.

„Во изминатите години билетот не поскапи кога имавме интензивно поскапување на цената на нафтата, па така и сега кога имаме намалување на цената на нафтата билетот нема да поевтини бидејќи компензираме за загубите што ги правевме. Имаме една од најниските цени во регионот а трошоците се речиси исти насекаде “ објаснува Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

За цената на билетот во автобусите одлучуваат советниците на Скопје, а не претпријатијата. ЈСП и Градот веќе одлучија таа да остане иста и покрај воведувањето на наплата по километар и електронските картички.

„Советот на Град Скопје е надлежен за утврдување на маргините на билетот, ние сега одиме со најниската маргина, со 25 денари и се држиме до неа. Доколку Советот на Град Скопје ја симне маргината можеби ќе се отвори простор иако во моментов математички и аналитички гледано не постои простор за тоа“ вели Јовановски.

Месото минимално поевтини – дали ќе го следи и другата храна?

Дел од компаниите особено од прехранбениот сектор тврдат дека прават интензивни пресметки за евентуални корекции на цените. Тоа го најавија уште пред два месеци.

„Има најава дека на берзите може и под 30 долари да дојде нафтата за барел. Тогаш ќе се прават анализи и пресметки за да се утврди дали може да се намалат цените на финалните производи“, изјави на почетокот на декември лани Митко Алексов, извршен директор на Сојузот на стопанки комори (ССК).

Сега нафтата стигна на 28 долари, па бизнисмените велат дека ако трендот се задржи условите ќе бидат созреани за бран поевтинувања, но не преголеми.

„Веќе имавме одредено намалување на цените, особено на месото. Сепак во повеќето сектори главен енергенс е струјата, тие не зависат од горивата освен во делот на транспортот и дистрибуцијата што е мал процент во вкупните трошоци за производство. Компаниите прават индивидуални анализи и се можни нови корекции особено во транспортот, шпедицијата, но и земјоделството“ вели Алексов од ССК.

МАЕ: нафтата ќе продолжи да паѓа

Цената на нафтата ќе продолжи да паѓа и годинава поради неколку пати поголемата понуда од побарувачка. Ова е заклучокот на Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ).

Според аналитичарите на МАЕ укинувањето на санкциите кон Иран и неговото враќање на меѓународниот пазар драматично ќе ја зголеми понудата и покрај тоа што останатите земји го намалуваат производството.

Нафтата неделава го допре 12 годишното дно од 28 долари за барел што е за 75% помалку од средината на 2014 година.

Пониски цени на енергенсите – повисок раст на економијата

Поевтинувањето на горивата незначително влијаеше на цените на другите производи, но ја зголеми конкурентноста на компаниите и го поттикнува економскиот раст. Македонија ќе има корист доколку се задржи историскиот минимум на вредноста на нафтата на светските берзи. Ова може да се заклучи од истражувањето на Oxfordeconomics според кое земјите – увознички ќе остварат до 1 дополнителен процент зголемување на БДП, додека извозничките ќе имаат намалување до 3.5%.

Во истражувањето направено лани кое опфаќа 41 држава, ја нема нашата, но има повеќе економии од регионот. Експертите од Оксфорд пресметале дека позитивниот ефект во Бугарија ќе биде плус 0.9%, во Турција и во Хрватска плус 0.8%, а во Грција плус 0.1%.

Со ова се согласуваат и најголем дел од учесниците на Светскиот економски форум во Давос – Европа ќе има голема корист од евтините енергенси.

„Намалувањето на цената на нафтата е двигател на европската економија. Европската економија расте и покрај тоа што не успеавме да ги спроведеме сите болни структурни реформи. Така што мислам дека поевтинувањето на нафтата е голем плус за Европа“, изјави НилсАндерсен, извршен директор на „Маерск“, најголемата транспортна компанија во Европа, за време на форумот во Давос.

Слични се очекувањата и на аналитичарите од Светската Банка.

„Падот на цените отвора прозор на можности во земјите во развој кои увезуваат нафта. Креаторите на политиките треба да го искористат, да спроведат структурни реформи, да финансираат социјални програми“ изјави неодамнадиректорот за развојни можности во Светска Банка,Ајхан Косе.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП