22 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААзиските берзи паднаа на најниско ниво од 2011 година, нафтата до 28...

Азиските берзи паднаа на најниско ниво од 2011 година, нафтата до 28 долари

berzi 33

На азиските берзи во понеделникот цените на акциите паднаа на најниските нивоа од крајот на 2011 година, поради сигналите за забавување на растот на американската економија и продолжението пад на цените на нафтата.

На токиската берза индексот Nikkei веднаш на отворањето падна за 2,5 отсто, а потоа потона и на најниското нив во последните 12 месеци, за потоа во продолжение од претпладневното тргување да биде во минус од 1 отсто. Берзанските индекси во Хонгконг, Австралија и Сингапур паднаа меѓу 0,4 и 1,3 отсто, додека во Јужна Кореја и во Шангај цените на акциите претпладнето беа во плус, по почетниот пад на отворањето на берзите. Така MSCI индексот на азиско-пацифичките акции, без јапонските беше во минус од 0,5 отсто, лизнувајќи се на најниското ниво од октомври 2011 година.

На самиот почеток од понеделничкото тргување азиските берзи остро паднаа, поради падот на индексите на Волстрит во петокот за повеќе од 2 отсто, што е, меѓу другото, последица од забавувањето на растот на американската економија во последниот лански квартал. Во петокот, имено, беше објавено дека прометот во трговијата на мало во декември неочекувано паднал, а повторно паднала и индустриското производство, што укажува на слабеење на економија на САД, најголемиот извозен пазар за азиските компании. Подоцна азиските берзи ги надоместија дел од почетните загуби, но лошо на пазарите и натаму влијае новиот пад на цената на нафтата.

Откако во првите две седмици од годинава потона за повеќе од 20 отсто, во понеделникот утрото цената на барелот на лондонскиот пазар падна за повеќе од 1 отсто, на 28.55 долари, а во еден момент се спушти на само 27,67 долари, новото најниско ниво од 2003 година. И на американскиот пазар цената на барелот потона на најниското ниво во последните 12 година, на 28,36 долари, за подоцна да достигне 29,04 долари.

„Најмногу внимание и натаму привлекува цената на нафтата. Земјите кои произведуваат нафта ќе мора поради ниските цени на ‘црното злато’ да продадат дел од своите капитали за да ги покријат буџетските дупки“, вели за Reuters Норихиро Фуџито, стратег во компанијата „Mitsubishi UFJ Morgan Stanley Securities“.

Пазарите веќе со денови се под притисок поради падот на цените на нафтата, што е последица на слабеењето на побарувачката предизвикано од забавувањето на растот на глобалната економија, додека, од друга страна, понудата и натаму е висока. Покрај, тоа, бидејќи на Иран му се укинати санкциите, се очекува дополнителен раст на понудата на нафтата од оваа земја.

Поддршката на пазарите на капиталот во азискиот регион, пак, ја дава подемот на цените на кинеските акции. Иако кинеските пазари и натаму се нестабилни, па тргувањето во Шангај во понеделникот започна со минус од 2 отсто, подоцна тие загуби беа надоместени. Тоа, меѓу другото, е благодарејќи на јакнењето на кинескиот јуан, по новите мерки на тамошната централна банка за стабилизација на валутниот курс.

И на валутните пазари во понеделникот претпладнето владееше несигурност, па курсот на доларот значително падна во однос на јапонскиот јен, кој се смета за сигурно прибежиште за капиталот во несигурните времиња, за потоа да зајакне.

Во понеделникот претпладнето доларот е движи околу 117,20 јени, додека рано утрото се лизна на 116,56 јени, недалеку од најниското ниво во последните пет месеци. Доларот благо зајакна и во однос на европската валута, па цената на еврото се движи околу 1.0900 долари, додека во петокот на затворањето на тргувањето изнесуваше 1.0915 долари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП