17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонија троши до 60 милиони евра за увоз на пилешко, Словенија инкасира...

Македонија троши до 60 милиони евра за увоз на пилешко, Словенија инкасира над 200 милиони од извоз

pilesko

Производството се намалува, увозот се зголемува. Живинарската индустрија во Македонија со години има негативни биланси. Годишно за набавка на пилешко месо се одлеваат и до 60 милиони евра.

Во 2015-та во земјава биле произведени 300 илјади пилиња, а пред 10 години и над 7 милиони.

Според податоците на Стопанската комора само 5 до 15% од пазарот сега се покриени со домашно производство. Големите капацитети се затворија и сега целиот сектор се сведува само на неколку помали живинарски фарми.

Домашните производители се жалат на нелојална конкуренција

За разлика од производството на пилешко месо, состојбата со производство на јајца е подобра – годишното производство е околу 300 милиони со што се покриваат потребите. Сепак, домашните компании се жалат на нелојална конкуренција од соседните земји. Тврдат дека се увезуваат небезбедни јајца од Србија по дампинг цени.

„Во 2013 и 2014 година бројот на несилки се намали како резултат на затворање на европските пазари, а домашното јајце е со најниска цена во регионот, 5-7 денари. Во моментов имаме стопанска гранка во која можност за извоз нема, а од друга страна постојат законски услови за непречен увоз“, изјавија неодамна од Групацијата за живинарство при Стопанската комора.

Државата најавува зголемена поддршка годинава

Државата веќе најави дека од годинава ќе биде зголемена поддршката за живинарската индустрија. Се планира од Буџетот да бидат одвоени околу 3 милиони евра за фабрика за производство на јајца во прав и за конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе се гради и кланица.

Со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН, ФАО, се спроведува Проект за развој на живинарството

„Главната цел е во наредните пет години да се намали увозот на пилешко месо и да се зголеми домашното производството на живинско месо од 500 тони кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот на 30 отсто од потребите. Увозот на живинско месо не чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбени производи“, рече при промоцијата на Проектот министерот за земјоделство, Михаил Цветков.

„Везе Шари“ има месечно производство на 3 милиони јајца

Сепак, и сега има позитивни примери, но само во делот на производство на јајца, а не и на месо. Меѓу поголемите играчи на пазарот е тетовски „Везе Шари“ кој располага со 120 илјади кокошки несилки и 60 илјади пилиња. Работат со максимален капацитет и производство на над 3 милиони јајца месечно, а веќе извезуваат и директно за силите на НАТО.

„Преку тетовската компанија ‘Еколог’ која е присутна речиси низ целиот свет и која ги снабдува силите на НАТО со прехранбени производи направивме соработка, нашето јајце ги исполни условите на Алијансите. Првите пратки веќе се испратени во базите на НАТО во Косово и во Авганистан. Имаме намера да ги зголемиме капацитетите за да излеземе на потребите на овој голем пазар. Имавме намера бројката на вработени до крајот на 2015-та да достигне 100, но преку владините мерки го зголемивме бројот и сега имаме 108 вработени. Задоволни сме од бизнис климата и ќе продолжиме со инвестициите“ вели Арбен Абдурахмани, сопственик на „Везе шари”.

Словенија – успешен пример кој треба да се следи

За разлика од Македонија, Словенија е далеку поуспешна во секторот живинарство. Земјата која има приближно иста територија и население е најголем извозник на пилешко месо и преработки во регионот.

„Перутнина – Птуј“ е најголемиот преработувач на пилешко месо во Словенија, но и во цела Југо источна Европа. Годишниот обем на производство надминува 80 милиони килограми од кои 10% се продаваат како цели пилиња а 90% како преработки – стекови, копани, крилца, но и салами, паштети и виршли.

„Перутнина“ има 3.700 вработени, годишниот приход за 2015-та е проектиран на 270 милиони евра, има фирми за продажба во 7 држави, меѓу кои и во Македонија, како и фирми за производство во четири држави – во Словенија, во Хрватска, во Босна и во Србија.

Засега не размислуваат за отворање на производствен капацитет во Македонија. Велат пазарот е премал, а инвестицијата преголема. За опремување на една фарма биле 400 илјади евра, погонот за храна за живина чини околу 25 милиони, а опремувањето на кланица 28 милиони евра.

„Македонија има голем потенцијал, но за производство на овошје и зеленчук, но за производство на живина условите се исти и во Србија и во Словенија. Стандардите се строги, а вашиот пазар е релативно мал за толку голема инвестиција. Со постоечките погони веќе го имаме покриено целиот регион од Австрија до Турција“, вели д-р Роман Гласер, генерален директор на „Перутнина – Птуј“.

„Перутнина“ годишно преработува 80 милиони килограми пилешко, од нив само 3 милиони и 800 илјади завршуваат во Македонија, 2 милиони и 400 илјади како месо а еден милион и 400 илјади како преработки.

Словенија – грижа и за благосостојбата на пилињата

Словенија оди и чекор понатаму. Околу 15% од сите фарми за кокошки се дел од голем европски проект кој води грижа и за благосостојбата на пилињата. Таму одгледувањето е индустриско, но истовремено и речиси традиционално. Наместо да бидат затворени во кафези и товени со концентрати се чуваат во големи хангари и се хранат со мешавина од пченка и пченица во која само се додаваат витамини и минерали. Кокошките по неколку часа во денот се пуштаат на отворено, но во специјален ограден простор кој оневозможува контакт со надворешната средина и евентуално контаминирање на живината.

„Не се заработува многу, но јас сум задоволен. Имаме 40.000 пилиња и работиме само јас и мојата сопруга, но можеме да постигнеме, процесот е речиси автоматизиран. Цената е фиксна што ни ја плаќаат, по килограм добиваме 20 евроценти“, објаснува Дарко Кејгл, сопственик на фарма за пилиња.

Проектот резултира со поквалитетно место за кое се добива 20% повисока откупна цена. Фармите склучуваат посебни договори со фирмите преработувачи кои потоа и самото пилешко месо и неговите преработки ги продаваат поскапо поради како што велат поголемиот квалитет што се добива.

„Ваквите фарми се сосема различни од традиционалните. Секако дека има разлика во квалитетот, условите се далеку подобри, особено се внимава на хигиената, нема никакви мириси“, вели директорката на „Перутнина“ за производство и соработка со кооперанти.

Најголем дел од фармите имаат склучено договори за кооперантство со откупувачите и преработувачите на кокошки. Од нив добиваат се – самите пилиња, ветеринарниот надзор и храната. Пченка, пченица и додатоци како минерали и витамини се машаат во готова храна која е прилагодена на возраста на пилињата. И во оваа фабрика важат строги услови за производство, за заштита од загадување и за одржување на висок квалитет.

„Камионите кои доаѓаат мора да бидат дезинфицирани, а и самите возачи мора да излезат од камионот и да бидат дезинфицирани. Потоа одат на вага каде се мерат, па се земаат мостри за контрола на квалитетот, па дури потоа се растовараат во силосите од каде потоа со автоматизиран процес се машаат пченката, пченицата и другите додатоци во строго дефиниран сооднос по формула“ објаснува Брижита Видош Зеленко, директор на погон за производство на храна за живина на „Перутнина“.

Трендот на воведување на новите услови е се поприсутен во Словенија за што земјоделците секако добиваат и голема поддршка од Европската Унија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП