18 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНови правила за извршителите – ќе бидат помеки кон должниците

Нови правила за извршителите – ќе бидат помеки кон должниците

izvr

Извршителите ќе го омекнат односот кон должниците – засилена контрола на нивното работење, писмена опомена пред принудна наплата, вонсудска постапка за комуналните сметки, кратење на роковите за продажба на недвижностите се дел од законските измени кои веќе се влезени во собраниска процедура.

Писмено предупредување, па извршување

Најважна новина е задолжителното писмено известување. Пред да почне принудната наплата се остава простор долгот да се расчисти доброволно. Со тоа ќе се намалат трошоците за граѓаните.

„Често кај нас доаѓаат луѓе со блокирани сметки кои воопшто не биле известени дека се должни. На овој начин ние ќе испраќаме предупредување до нив и убедени сме дека тоа ќе функционира, бидејќи нашата достава е сигурна и таа нема да биде на товар на граѓаните. Извршителот ќе биде должен да го извести должникот и да побара до него во рок од три дена да ги достави сите податоци што се неопходни за постапката за извршување“, објаснува Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители на Македонија (КИРМ).

Вонсудска наплата на комуналиите

Јавните, комуналните и претпријатијата кои нудат други услуги ќе мора најпрвин да се обидат да го наплатат заостанатиот долг преку извршител, а дури потоа да почнат судска постапка. Со овие измени граѓаните ќе добијат можност да се раздолжат уште во првата фаза, кога нема дополнителни судски, банкарски и други трошоци.

„Во досегашната пракса се соочувавме со граѓани кои за првпат дознаваат за својот долг кога ќе го добијат налогот за извршување од извршителот и тоа за нив претставува шок. Воедно, истиот долг веќе е зголемен поради трошоците на постапката за тужење и каматите… Целта е да им се овозможи да ги сервисираат своите долгови пред да бидат тужени, со што во голема мера ќе се намалат тужбените барања и ќе се избегнат непотребните трошоци и на страна на доверителите и на страна на должниците“, вели Петрески.

Кастрење на роковите за процена на вредноста на недвижностите

Во предлог-законот има измени и на процедурата за продажба на недвижностите – предвидено е кастрење на роковите за утврдување на нивната вредност од страна на проценителите од 15 на 8 дена, а отстранета е и можноста за трето јавно наддавање.

„Досегашната практика покажа дека постапката за извршување врз недвижности трае долго, при што каматите течат и долгот се зголемува. Воедно постоењето на три продажби предизвикуваше идните купци да калкулираат и да очекуваат намалување на цената, што секако е неповолно и за самиот должник“, вели Петрески.

Тестови за извршителите на секои седум години

Извршителите не се согласуваат со сите законски измени. Се противат на предлогот нивното знаење да се проверува на секои седум години. Комората најавува дека во текот на носењето на законот ќе ги достави своите предлози во оваа насока.

„Фактот дека секоја година добиваме околу 150.000 барања за извршување и притоа имаме помалку од 300 претставки, од кои поголемиот број се неосновани, се најголемиот доказ за нашата професионалност“, објаснува Петрески.

Извршителите годишно наплаќаат по околу 100 милиони евра

Извршителите од должниците наплаќаат по околу 100 милиони евра секоја година. Последните податоци за лани се заклучно со септември, до кога биле инкасирани 78 милиони евра. Во 2014-та биле наплатени 108 милиони, во 2013-та 126 милиони, а во 2012-та 104 милиони евра. Успехот во наплатата се движи од 25% до 40% годишно.

Во Македонија сега работат 99 извршители, но поради намалениот обем на работа предвидено е нивниот број да се намали на 80. Досегашната пракса покажува дека извршителите најмногу предмети имаат од граѓани за неплатени режиски трошоци – за парно, струја, вода и комуналии.

Законските измени кои се влезени во собраниска процедура ќе бидат први од 2005-та кога почна да функционира овој начин на наплата на доллговите.

Блокирани сметките на 76.000 граѓани

Заклучно со ноември 2015-та во Македонија имало 75.707 граѓани со 178.219 блокирани сметки по основ на решенија за присилна наплата за досепани долгови.

За една година бројот на граѓани со блокирани сметки се зголемил за речиси 20.000. Најголем удар за граѓаните беа и блокадите што при крајот на ланската година ги спроведе Управата за јавни приходи по основ на присилна наплата на Радио-дифузна такса. При последниот бран беа блокирани 27 000.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП