19 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАЗатворање на изложбата на Стојановски со настап на Тони Китановски

Затворање на изложбата на Стојановски со настап на Тони Китановски

kita

Денес вечер, со почеток во 20 часот во Музејот на град Скопје ќе се затвори ретроспективната изложба на македонскиот сликар Крунислав Стојановски со настап на Тони Китановски.

Постановката беше отворена речиси еден месец и поради големиот интерес вечерва со концерт и вино, и со пријатели на неговата уметност ќе биде и заокружена.

Ова е негова прва ретроспективна изложба во Скопје, со оглед на фактот дека 30 години живее и работи во Загреб. Изложба е насловена како „Циклуси“. Со оваа постановка тој одбележа 20 години творечка работа. Авторот првпат во својот роден град се претстави со најголемиот број дела од неговиот целокупен минат труд. На изложбата беа претставени слики поделени во осум творечки циклуси.

Селекцијата ја направија Соња Абаџиева, ценета историчарка по уметност и самиот автор. Сликите се поделени во осум циклуси, на кои авторот работи во континуитет низ дваесет години. Најголемиот дел од нив се со експресивен карактер.

„Оваа изложба ми е од најголемо значење, затоа што е моја прва голема сликарска постановка во мојот роден град. Ова е ретка можност да се види добар дел од моето творештво, особено сликарскиот сегмент, на кој редовно му се навраќам, и физички и низ своите дела, зошто во сликите лесно се чита македонскиот ген и константната носталгија“, вели авторот Стојановски.

Стојановски средното училиште го завршува во Скопје. По кратко студирање на Ветеринарниот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет во Скопје, во 1992 година запишува Ликовна академија во Загреб, каде што дипломирал во 1998 година во класата на професорот Ѓуро Седер.

Здобивајќи се со стипендија на KulturKontaktAustria, добива можност да студира и дипломира Public Art во класата на американскиот професор Агнес Денес на Sommerakademie во австриски Салцбург. Професионално работи и се усовршува во Cable Factory во финската престолнина Хелсинки, како лауреат на програмата UNESCO-ASHBERG Bursaries for Artist Program во Франција. Член е Хрватското друштво на ликовни уметници и на Хрватската заедница на самостојни уметници, како и на Управниот одбор на Здружението на хрватските уметници и ликовни критичари.

Се занимава со сликање, цртање, изработка на амбиентални инсталации, фотографија, видео, пишување и едукација. Темите што преовладуваат во неговото уметничко творештво се оние што имаат социјална, хуманистичка, еколошка и политичка конотација, со посебен акцент на поединецот и на неговата улога, на можностите и на значењето во глобалното општество.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП