9 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Резервен живот“ од Димковска меѓу книгите кои ја одбележаа 2015-та во Бугарија

„Резервен живот“ од Димковска меѓу книгите кои ја одбележаа 2015-та во Бугарија

милкамил

Романот „Резервен живот“ на македонската авторка Лидија Димковска е вброен во последниот број на бугарскиот „Литературен вестник“ во анкетата за книгите што ја обележаа 2015 година во Бугарија.

Повеќе од 20-ина бугарски интелектуалци, професори, критичари, писатели и преведувачи, во споменатата анкета, ги избраа најзначајните книги објавени на бугарски јазик во 2015 година.

Светлозар Желев, директор на Националниот центар за литература во Софија во својот избор, покрај книгата „Балканският човек XIV – XVII век” од бугарскиот автор Јордан Вел и „Животот – начин на употреба“ од францускиот автор Жорж Перек, заеднички акцент става на „Во времето на светлината што гасне“ од германскиот автор Еуген Руге, „Догледање горе“ од францускиот автор Пјер Леметр и „Резервен живот“ од Лидија Димковска, нагласувајќи дека секоја од нив е исклучителна, различна, човечка, силна, оригинална и длабока книга, а заедничко им е што сите три ја истражуваат историјата и местото на човекот во неа.

„Многу ретко има во литературата толку густи, издржани, блескави книги, секоја со повеќе од 500 страници. Неслучајно сите три имаат добиено најпрестижни награди – германската награда за литература, наградата Гонкур и Европската награда за литератра. Тоа се три книги – романи, во сета слава на оваа книжевна форма, сјајни литературни дела, камења со остри рабови кои ги отвораат раните и душите на читателите“, истакна Желев.

Романот „Резервен живот“ во превод на бугарски јазик на Божидар Манов го објави издавачката куќа „Колибри“ која го промовираше на Пролетниот саем на книгата во Софија. Веднаш по излегувањето на романот книжевните медиуми со воодушевување пишуваа за романот „Резервен живот“, а весникот „Дело“ го нарече „откритие на годината“ и го спореди со силата на „Ана Каренина“ од Толстој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП