Руското министерство за финансии во текот на вчерашниот ден објави дека покренува правна постапка против Украина, откако оваа земја одби да ѝ ја врати позајмицата во износ од три милијарди американски долари, а истовремено со првиот ден на 2016 година на сила стапија и економските санкции против Турција воведени откако турски авиони на 24-ти соборија руски бомбардер на сириско-турската граница.
Наведувајќи дека Украина не ги испочитувала своите обврски кон Русија, „руското министерство за финансии преземало потребни чекори за покренување на правна постапка против Украина“, се наведува во соопштението.
Украина на 18-ти декември соопшти дека нема намера да ѝ го врати на Русија долгот од три милијарди долари, и покрај тоа што Москва се закани со судски процес доколку изостане исплатата. Рускиот претседател Владимир Путин побара од владата против Украина, доколку не го врати долгот до крајот на 2015 година, да подигне судска тужба.
Москва и Киев се спорат околу три милијарди долари кредит кој Русија го одобри за владата на претседателот Виктор Јанукович во декември 2013 година, кој потоа беше соборен со безредијата поддржани од Западот.
Властите во Киев, кои се во очајна финансиска состојба и поради судирите во југоисточните делови од земјата, тврдат дека не станува збор за кредит кој една држава ѝ го одобрила на друга, туку трансакција извршена преку финансискиот пазар и со тоа е подложна на финансиските услови договорени со другите кредитори. Киев во август постигна договор со кредиторите во приватниот сектор, вклучително и со големи банки и инвестициски фондови, за реструктуирање на долгот, кој меѓу другото предвидува отпис на 20 отсто од главнината.
Во Москва, пак, тврдат дека нејзиниот кредит за Украина не може да се смета за долг кон приватниот сектор и ги одби таквите услови. Меѓутоа, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во средата официјално потврди дека долгот на Украина кон Русија е официјален, а тоа значи, според правилата на ММФ, дека не може да биде реконструиран според истите услови како долговите кон приватните кредитори.
Во петокот започна и применувањето на санкциите кон Турција поради уривањето на рускиот „Су-24М“ и убивањето на пилотот од страна на сириските бунтовници кои ги поддржува Анкара.
Русија го суспендираше безбвизниот режим со Турција, а оваа одлука на 27-ми ноември ја најави шефот на дипломатијата Сергеј Лавров, по што Путин го потпиша указот со низа мерки кои се врзани за националната безбедност. Забранети се, исто така, и чартер летовите меѓу двете земји.
Од 1-ви јануари 2016 година на сила стапија и низата економски санкции кои руската влада ги усвои на 30-ти декември. Со нив турските компании на рускиот пазар повеќе не можат да дејствуваат во секторите на градежништвото, туризмот, хотелската индустрија, а забранети се и услугите за потребите на државата и на општините.