17 мај, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОтворање на изложбата „Спектрум“

Отворање на изложбата „Спектрум“

spektrum izlozba 34555

Самостојната изложба „Спектрум” на Маја Кировска, ќе се отвори денеска во 20 часот, во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (кај педагошкиот факултет).

„Често пати ќе ја слушнеме фразата “Реалноста е повеќеслојна”. Од филозофите ќе слушнеме за идеја позади материјалната појавност, од научниците и документарните емисии ќе слушнеме за бесконечен број паралелни универзуми кои коегзистираат и т.н.

Делата на оваа изложба ја третираат реалноста тука и сега, материјална, онаква каква што сме навикнати да ја гледаме секојдневно т.е. да ја живееме секојдневно.

Преокупирани од сопствените секојдневни проблеми научуваме селективно да ги примаме информациите што доаѓаат до нас, престануваме да се грижиме за она што лично не нé засега. Губејќи го контактот со реалноста на крајот го затапуваме своето сочувство.

Секојдневно сме бомбардирани со огромен број информации. Човечкиот мозок не е во состојба да впие сé. Природно правиме селекција на информациите. Поради карактерот на медиумот стануваме подеднакво рамнодушни и кон содржините за забава кои се обидуваат да не анимираат но и кон реалноста која навистина се случува на некој друг дел од планетава. Ги поистоветуваме и повеќе не сме сигурни што е реално, а што не, и најчесто одлучуваме да не обрнеме внимание.

Отрпнуваме, а на трагедијата на другите реагираме не повеќе отколку што би реагирале на некој игран филм. Tоа е така се додека не видиме со свои очи, не почувствуваме на своја кожа, не се увериме дека она што го кажуваат медиумите понекогаш е реалност.

Низ нашата земја дневно поминуваат од 2000-10000 бегалци. Многумина не беа свесни за кризата што се случува во светот, се додека последиците не дојдоа и пред наша врата. Многумина одбиваа да видат, најверојатно затоа што нема видливо решение. Многу теоретичари веруваат дека ова е природна состојба на човекот и не е возможна промена.

Изложбата става во фокус некои од најакутните проблеми на денешницата, како што се бегалската криза, војните, состојбата на човековиот ум, дисбалансот помеѓу човекот и животната средина и т.н.. Сите нив ги посочува, ги разгледува од различни аспекти и поттикнува на размислување за причините, но и за можните решенија во иднина, за се она што ние како единки и колектив можеме да го направиме“, вели уметницата.

Маја Кировска живее и работи во Скопје. Дипломира 2007 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсек графика, со насоки графички дизајн и модно креирање со текстил, каде е наградена за најдобар студент во класата. 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2009 година, во соработка со неколку колеги ја оформуваат уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и основаат истоимен културен центар во Скопје. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство, под менторство на професорот Благоја Маневски. Во 2011 започнува постдипломски студии по филмска и ТВ камера на Факултетот за аудиовизуелни уметности – Европска филмска и театарска академија ЕСРА во Скопје. Во 2012 во соработка со шест колеги ја основа уметничката група МОМИ. Од 2013 година визитинг доцент на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитер – Република македонија, каде предава Дизајн на плакат, Основи на графички дизајн, Фотографија и Мултимедија. Од 2015 година е член на уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Изложбата „Спектрум” е нејзина десетта по ред самостојна изложба, а учествува и на голем број групни изложби во Македонија и странство.

Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми како инсталација, скулптура, видео, перформанс, слика, графика, цртеж и филм, најчесто комбинирајќи ги.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП