26 јуни, 2024
ПочетнаКУЛТУРАРетроспективна изложба на Томо Шијак во Даут-пашин амам

Ретроспективна изложба на Томо Шијак во Даут-пашин амам

sijak 33

Денеска со почеток во 20 часот, во НУ Национална галерија на Македонија, објект Даут-пашин амам ќе биде отворена ретроспективна изложба под наслов „Внатре… Томо Шијак (1930-1998)“.

На изложбата посветена на еден од најзначајните претставници на македонската авангарда, еден од екстремно продуктивните и најинвентивните и, следствено на тоа, и од најзначајните македонски уметници, ќе бидат претставени над стотина дела од целокупното негово творештво.

Томо Шијак (1930-1998) е еден од неколкумината автори, уметнички родени во педесеттите години на дваесеттиот век, кои се издвоија како означувачи на авангардистичките текови на тогашната македонска ликовна уметност, со секогаш немирен, дури хиперактивен, истражувачки дух, поради што можеме да го карактеризираме како автор со најмногу варијации на стилски ставови кај нас. Шијак до крајот на својот живот останува доследен на смелото експериментирачко дејствување и на препознатливите дела кои, со развојот на модернистички трансфигурираната концепција на неговите најиновативни и естетски најзначајни „мусандри“, во колективната македонска уметничка меморија ќе останат запаметени како икони на објект-артот што зрачат со аурата на нивната трансцендентална моќ. Мноштвото дискурси на неговото творештво секогаш се движат помеѓу две дијаметрално спротивни крајности што го дразнат внатрешниот конфликт со намера за постигнување хармонија помеѓу фигурацијата и апстракцијата, рациото и спиритуелноста, уметноста и техничките достигнувања, следењето на современите авангардни процеси во уметноста и почитта кон традиционалното…

Ретроспективната изложба и монографското издание за творештвото на Томо Шијак задолжително во себе ги инкорпорираат сите претходни истражувања посветени на овој автор и најзначајните концепти во доменот на објект-артот. Истражувачкиот проект, ретроспективната изложба и монографското издание се дел од програмските активности на Националната галерија на Македонија за 2015 година. Сите неопходни активности за овој проект се комплетно реализирани со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Изборот на делата што ги третираат сите фази во целокупното творештво на Томо Шијак стилски и тематски, на одредени места, имаат улога да потсетат и да ги рехабилитираат одредените творечки фази на авторот.

Томо Шијак е роден е 15.03.1930 година во Косово Поле, а детството го поминал во Добрево, Пробиштип, ја завршил Средната художествена школа во Скопје и заминал на студии во Љубљана. Имал повеќе самостојни изложби и студиски патувања во повеќе земји: Франција, Италија, Германија, Белгија, Швајцарија, Австрија, Велика Британија итн.

Изложбата во Националната галерија на Македонија ќе трае до крај на февруари 2016 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП