21 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје е половина Македонија –42.6% од економските активности се во главниот град

Скопје е половина Македонија –42.6% од економските активности се во главниот град

sko

Половина Македонија е во Скопје. Оваа популарна фраза речиси буквално ја потврдуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) според кои дури 42.6% од вкупниот Бруто – домашен производ (БДП) е резултат на економските активности во главниот град.

Според ДЗС учеството во БДП по региони е:

  • Скопски 42.6%                        3.475.040.650 евра
  • Пелагониски 11.3%                    919.186.991 евра
  • Југоисточен 9.2%                       751.398.373 евра
  • Вардарски 8.2%                         670.894.308 евра
  • Источен 8.1%                             657.707.317 евра
  • Југозападен 7.8%                      640.292.682 евра
  • Полошки 7.5%                            613.577.235 евра
  • Североисточен 5.3%                 432.731.707 евра
  • Вкупно 100%                           8.160.829.263 евра

 

Скопскиот регион има најмногу жители, па логично е да има и најголемо учество во вкупното стопанство, но и анализата на БДП по глава на жител (просечното производство по човек) покажува дека луѓето во главниот град создаваат најголема додадена вредност.

Според ДЗС, БДП по глава на жител по региони е:

  • Скопски             5.673 евра
  • Пелагониски      3.955 евра
  • Југоисточен       4.333 евра
  • Вардарски         4.371 евра
  • Источен             3.689 евра
  • Југозападен      2.906 евра
  • Полошки            1.929 евра
  • Североисточен 2.462 евра

 

  • Вкупно               3.953 евра

 

Податоците покажуваат дека скопскиот регион е три пати поразвиен од полошкиот. Во главниот град економската активност по жител е 43.5% над, а во Тетово и Гостивар 51.2% под државниот просек. Покрај Скопскиот само Вардарскиот и Југоисточниот регион со 10.6% односно 9.6% се над просекот, а Пелагонискиот е точно на исто ниво со просекот во државата.

Овие бројки се само потврда дека мора повеќе да се работи на рамномерниот економски развој, коментираат дел од економските аналитичари. Според нив тоа треба да го направи државата преку подобрување на инфраструктурата, но и преку директни стимулации за инвестирање во посиромашните подрачја.

„На тој начин ќе се постигнат повеќе ефекти – рамномерен регионален развој и ќе се спречи миграцијата на населението кон урбаните центри пред се кон Скопје каде повеќето претендираат да најдат работно место“, објаснува  универзитетскиот професор Зоран Ивановски.

Македонија има стратегија односно програма и посебен орган кој ја спроведува – Бирото за рамномерен регионален развој кое финансира проекти во посиромашните општини. Според официјалната интернет страница, целите на институцијата се рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани. Колку е успешно нивното достигнување покажуваат статистичките податоци.

Владата секоја година одвојува средства за оваа намена. На последниот повик беа доделени само 2.2 милиони евра за 107 проекти – изградба на локални патчиња, осветлување и уредување на руралните области, фекална канализација, водоводи, реконструкција на објекти, како и за изработка на техничка документација за поголеми инфраструктурни проекти.

„Владата е силно посветена на поттикнувањето на рамномерниот регионален развој и во Предлог – буџетот за 2016 година само за оваа намена се предвидени двојно повеќе средства од годинава, односно 300 милиони денари или околу пет милиони евра. Една третина од проектите се за подготовка на елаборати, техничка и проектна документација, како и физибилити – студии за проекти со повеќекратно поголема вредност за кои регионите или општините обезбедуваат средства и од други извори на финансирање – европски фондови, Светска банка, општински буџети, концесии или приватно – јавно приватно партнерство“ изјави при промоцијата на проектите вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

„Владата годинава двапати издвои средства за финансирање проекти за развој на регионите, селата и подрачјата со специфични развојни потреби. Средствата за поттикнување на рамномерниот регионален развој ќе бидат подеднакво распределени по плански региони“ објасни министерот за локална самоуправа, Лирим Шабани.

Државата веќе изготви законски измени кои се влезени во собраниска процедура, а кои според надлежните ќе обезбедат подобро функционирање на центрите за поддршка на планските региони и самоодржливост.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП