11 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГоривата со рекордно ниски цени, крајните производи никако да поевтинат

Горивата со рекордно ниски цени, крајните производи никако да поевтинат

ccc

Горивата повторно со пониски цени, но крајните производи и услуги никако да поевтинат. Бизнисмените и транспортерите засега не размислуваат за корекции иако трошоците значително им се намалија.

Со најновиот тарифник на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) дизелот се продава по 46.5 денари, бензинот од 95 октани по 62.5, а од 98 октани по 64,5 денариза литар.

Лани во декември бензините беа поскапи за 3 денари, дизелот за дури 9.5. Пред три години бензините достигнаа и 90 денари за литар, а дизелот речиси 80. Во меѓувреме речиси немаше корекции на другите цени.

 

Вгодина електронски билети во градските автобуси, цената најверојатно иста

Приватните автобуски превозници во Скопје не планираат да ги поевтинат билетите. Тврдат дека цената од 25 денари важела и кога горивата биле драстично поскапи, па тогаш тие работеле на границата на рентабилност. Сега компензирале за тој период.

„Ние како извршители на превоз мора да се движиме во одредена рамка која ја одредува Град Скопје, а во моментов сме на најниската долна граница со сегашната цена. Така што за да може да размислуваме во тој правец, Советот на Град Скопје треба да ја намали рамката. Сметам дека во моментов цената ќе остане таа каква што е“објаснува Ленин Јовановски, директор на приватното автобуско претпријатие „Слобода превоз“.

Наплатата по километар ќе започне на 1 јануари со воведувањето на електронските картички. Од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) објаснуваат дека цените најверојатно ќе бидат изедначени и за „приватните“ и за „државните“ автобуси, но нема одлука дали ќе чинат 25 или 35 денари. Парите ќе ги собира Градот, а потоа ќе им ги префрла на превозниците, по 1 евро за изминат километар.

„Во моментов се вршат анализи на автобускиот превоз на сите линии и се разгледуваат можности за намалување на цените. Се разбира, крајниот збор за било какви промени го имаат советниците од Град Скопје“ велат од ЈСП – Скопје.

 

Меѓуградскиот автобуски превоз со исти цени со години

Меѓуградските автобуски превозници објаснуваат дека нивните цени веќе претрпеле надолна корекција поради конкуренцијата од нискобуџетските авио компании, но не и поради поевтината нафта.

„Како што знаете, овие цени во 90 отсто од случаите во меѓуградскиот и меѓународниот превоз се драстично намалени, посебно во меѓународниот каде заради нискобуџетските авио компании падна и цената на меѓународниот билет за автобуски превоз“, вели Масар Омерагиќ од „РулеТурс“.

Сепак, дел од нив ја оставаат можноста да има ново поевтинување.

„Мислам, со ваква динамика на намалување на гориво и фирмите ќе го следат трендот на намалување на цените“, тврди Горан Трпковски, превозници за патен сообраќај „Исток“.

 

Производите засега со зацементирани цени

Горивото учествува со 50 до 60% од крајната цена за земјоделските и за прехранбените производи, но неговото поевтинување засега немаше влијание.

Бизнисмените се правдаат – кога бензините поскапуваа најголем дел од компаниите се префрлија на гас и на струја, па сега уделот во трошоците е намален. Имале и долгорочни инвестициски планови поради кои не можеле да се прават надолни корекции, барем засега.

„Има најава дека на берзите може и под 30 долари да дојде нафтата за барел. Тогаш ќе се прават анализи и пресметки за да се утврди дали може да се намалат цените на финалните производи“, изјавија неодамна од Сојузот на стопанки комори (ССК).

Цената на нафтата на светските берзи во моментов е 38 долари за барел, пред една година беше 54. Највисока беше во јули 2008-та, пред самиот почеток на светската криза, кога надмина 144 долари.

 

Инфлацијата мирува – трошоците за живот непроменети

Дека нема промени на цените покажуваат и податоците на Државната статистика – трошоците за живот се намалиле за 0.3% во првите 10 месеци од годинава споредено со истиот период лани.

Од јануари до ноември 2015-та во однос на 2014-та најмногу поевтинил транспортот за 9.3% како резултат на пониските цени на енергенсите, комуникациите поевтиниле за 4.9%, а истовремено најмногу поскапеле алкохолот и цигарите за 5.5%, потоа мебелот и покуќнината за 1.9%.

Кога сето ова ќе се собере, статистиката вели дека вкупните трошоци на едно просечно домаќинство се намалиле за 0.3%.

 

Пониски цени на енергенсите – повисок раст на економијата

Поевтинувањето на горивата не ги намали цените на другите производи, но ја зголеми конкурентноста на компаниите и го поттикнува економскиот раст. Македонија ќе има корист доколку се задржи историскиот минимум на вредноста на нафтата на светските берзи. Ова може да се заклучи од истражувањето на Oxfordeconomics според кое земјите – увознички ќе остварат до 1 дополнителен процент зголемување на БДП, додека извозничките ќе имаат намалување до 3.5%.

Во истражувањето направено на почетокот на годинава кое опфаќа 41 држава, ја нема нашата, но има повеќе економии од регионот. Експертите од Оксфорд пресметале дека позитивниот ефект во Бугарија ќе биде плус 0.9%, во Турција и во Хрватска плус 0.8%, а во Грција плус 0.1%.

Слични се очекувањата и на аналитичарите од Светската Банка.

„Падот на цените отвора прозор на можности во земјите во развој кои увезуваат нафта. Креаторите на политиките треба да го искористат, да спроведат структурни реформи, да финансираат социјални програми“ изјави неодамнадиректорот за развојни можности во Светска Банка,Ајхан Косе.

 

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП