Од 310 сексуални работници, 211 или 68,1 отсто од испитаните потврдиле дека биле малтретирани поради сексуалната работа, покажува истражувањето на невладината организација ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, објавено по повод, 17 декември, Меѓународен ден за борба против насилството врз сексуалните работници.
„Загрижувачки е што повеќе од 12% од испитаните сексуални работници навеле дека барем еднаш биле подложни на сексуално насилство, а 10% од испитаниците биле присилени од страна на клиентите да имаат сексуален однос без кондом, спротивно на нивната волја, притоа изложувајќи ги на ризик од пренесување на заразни болести“, се вели во истражувањето на организацијата.
Најчести сторители на насилство, сексуалните работници ги наведуваат клиентите (87,6 отсто), полицијата (43,1 отсто) и семејството (28,4 отсто), а во однос на зачестеноста на малтретирањето, најмногу одговориле дека малтретирање од клиенти и полиција им се случува барем еднаш во месецот, дел одговориле дека тоа се случува најмалку еднаш неделно, додека тие што се малтретирани од семејството, одговориле дека секојдневно се соочуваат со малтретирање.
„Посебно загрижувачка е праксата на неказнување на сторителите на насилството, а од интервјуираните сексуални работници се потврдуваат случаите кога пријавиле насилството, полицијата не постапила согласно своите законски овластувања по ваквото пријавување. Приближно 37 отсто од испитаните сексуалните работници одговориле дека немаат, односно не очекуваат помош од никого, а само 1,3% одговориле дека очекуваат или добиле помош од полиција“, покажува истражувањето.
Непријавеното и несанкционирано насилство врз сексуалните работници, според организацијата, дополнително ги охрабрува насилниците да продолжат со насилството.
Оттаму го наведуваат моделот на Мерсисајд, Ливерпул,како добар модел, каде полицијата посветува посебно внимание на разрешување на случаи на насилство врз сексуалните работници и санкционирање на сторителите.
Во четврток во Скопје ќе се одржи марш на црвениот чадор против насилството врз сексуалните работници, зголемување на заштита од институциите и промена на перцепцијата на јавноста кон нив.