18 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАШпанија сака да ја врати водечката позиција во секторот на обновливи извори...

Шпанија сака да ја врати водечката позиција во секторот на обновливи извори на енергија

spanija 3 solar 33

Шпанија своевремено беше водечка сила во секторот на обновливи извори на енергија, а денеска сака да ја врати позицијата загубена во време на економската криза заради намалувањето на државните субвенции.

Големиот број сончеви денови, околу 300 годишно, како и силните ветришта во поголемиот дел од земјата, и обезбедија на Шпанија водечка позиција во сегментот на соларната и енергијата од ветерот во 2007-ма и 2008-ма година, благодарејќи меѓу другото и на дарежливите државни субвенции.

Дополнителниот остар пад на економските активности по кризата со недвижностите во 2008-ма година, го запре тој развој, бидејќи Владата значително ги намали субвенциите во секторот за обновливи извори.

Во 2007-ма година тогашната социјалистичка влада усвои закон со кој на производителите низ период од 25 години им гарантираше таканаречена соларна тарифа од дури 44 евроценти по киловат час произведена електрична енергија. Ветувањето не беше одржано бидејќи официјален Мадрид заради огромниот буџетски дефицит во 2011-та година ги намали субвенциите што требало да го поттикнат растот на секторот.

Дополнително ги намали и конзервативаната Народна партија, која дојде на власт кон крајот на 2011-та година.

Заради промените во владините политики, приходите на фармите на соларни електрани потонаа меѓу 15 и 50 отсто, смета првиот човек на шпанското соларно лобистичко здружение Хосе Доносо. Според него, соларниот сектор од 2008-ма година укинал вкупно 35.000 работни места и сега вработува само 5.000 луѓе.

Шпанија минатата година ги зголеми фотоволтаичните капацитети за само 22 мегавата, а Британија за дури 2.270 мегавати.

Запна и развојот во секторот што произведува струја од енергијата на ветерот. Во осум години отпуштиле половина од вработените, а оваа година воопшто не ги зголемиле капацитетите за производство на електрична струја.

„Промената на регулативата од 2008-ма година негативно влијаеше врз целата индустрија“, заклучи специјалистот за обновливи извори на енергија при мадридската бизнис школа IE, Карлос Гарсиа.

Под притисок се најдоа и малите и средни претпријатија, но и гигантите како Abengoa, кој вработува повеќе од 27 илјади луѓе ширум светот, а балансира на работ на стечај. Иако губењето на субвенциите не е главната причина за неговите проблеми, стручњаците велат дека ниту, пак, му помогнал.

„Годината 2015-та ја означува најниската точка во развојот на обновливи извори во Шпанија во изминатите 20 години“, констатира директорката на шпанското здружение за енергија од ветерот Хеики Вилстед.

„Шпанија мора да го надомести загубеното време и да ги исполни целите зацртани за 2020-та година“, додава Вилстед, при тоа додавајќи дека Шпанија се обврзала дека до 2020-та година ќе подмирува 20 отсто од своите потреби за енергија од обновливи извори на енергија. Во моментов тоа изнесува 15 отсто.

Земјата и натаму е петти производител на електрична енергија од енергијата на ветерот и трет извозник во светот, напомнува агенцијата AFP.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП